
Сафет Сушиќ важи за еден од најголемите шампиони во историјата на Југославија, кога неколку мали татковини, сè уште беа обединети под ова име. Во Франција ужива почит што им се дава на вонсериските играчи кои оставија небесен белег во имагинацијата на навивачите.
Во Италија имаме поинакво сеќавање, затоа што со Сафет Сушиќ, кој на 13 април наполни 70 години, повторно се појавува една стара приказна за полувистини, вештачки лаги и недоразбирања: тоа е аферата со двојниот потпис, пишува Газета дело Спорт.
САФЕТ СУШИЌ - САРАЕВО, ПСЖ И ЦРВЕНА ЅВЕЗДА
За да ја раскажеме оваа приказна, треба да почнеме од почеток, а тоа се 70-тите. Сушиќ, по потекло Босанец, се наметна како најдобар офанзивен играч за врска во југословенскиот фудбал. Зборуваме за свет кој сè уште не е глобален, вестите се конфузни, одвреме навреме се обвиткани со несакана легенда. Но сите се согласуваат за Сушиќ. Талент на високо ниво, со докажана итрина. Сефет е 10-ка што може сè. Надарен со одлична техника, умешен и во асистенции и во финиш.
ПАПА - РОДЕН ЛИДЕР
Играше во ФК Сараево, но токму со Југославија, за која дебитираше во 1977 година, неговите игри почнаа да се познаваат и надвор од границите. Во неговата земја го нарекуваат „Папе“, (Папата), поради неговото неспорно лидерство. Тој секогаш ја сака топката во неговите нозе, нема никаква дискусија за тоа. Стана познат по финтата „Кичмата“ („рбетот“), со која ги изместуваше противниците и леташе кон голот.
На своето деби постигна гол против Унгарија, а на вториот меч хет-трик против Романија. Но, постои и еден друг незаборавен меч. Тоа е пријателскиот натпревар што Југославија, на 13 јуни 1979 година, го одигра во Загреб против Италија, која остави добар впечаток на Светското првенство во Аргентина една година претходно. Заврши 4:1 за домаќините, а главната улога ја имаше Сушиќ, кој постигна хет-трик.
Тоа беше неговиот златен момент, бидејќи три дена подоцна Југославија се соочи со светскиот првак Аргентина и ја победи со извонредни 4:2, потврдувајќи ја паролата што во тие години ги дефинираше Југословените како „Бразилците од Европа“. Сушиќ со уште еден хет-трик ги заслужи овациите, овој пат на Маракана во Белград. Од 1977 до 1990 година, играше 54 пати за националниот тим, постигна 21 гол и учествуваше на две Светски првенства (1982 и 1990) и на едно Европско (1984).
ДВОЈНИОТ ПОТПИС, ИНТЕР ИЛИ ТОРИНО, А И РОМА
На крајот на 70-тите Папе стигна до меѓународна слава. Многу клубови му ја следеа трагата. Но, во Италија, за жал, границите сè уште беа затворени. Кога во летото 1980 година ги отворија, започна ловот на странци. Прво по еден во тим, потоа двајца. Но, сега мора да се разоткрие мистеријата на двојниот потпис. Лучано Моџи, во тоа време спортски директор на Торино, соопшти дека го купил Сушиќ. Тоа е феноменален потег или попрецизно, би бил, бидејќи проблемите веднаш почнаа.
На спротивната страна, од Интер возвратија со реплика и мавтаа со договорот, потпишан од страна на Сушиќ. Следуваше дипломатска битка, односно „тепачка“. Во Сараево на иста маса седнаа Моџи и Федерико Бонето од Торино, а од спротивната страна Сандро Мацола и Џанкарло Белтрами од управата на Интер. Ништо не е готово.
Во еден момент во преговорите влета и Рома. Лидхолм го цени Сушиќ и за него зборуваше со претседателот Дино Виола, кој веднаш се пушти во акција. Но, Рома очигледно доцни. Се случуваат незамисливи работи. Сушиќ му го зема договорот на Моџи од раце и го кине на илјада парчиња. Босанецот го бира Интер кој му нуди поголема плата. Но, Сараево најпрво постигнува договор со Торино. Чаре? На крајот, без да има штедење на навреди и ниски удари (дневните весници ги дефинираат италијанските директори како „трговци од ниска класа“), Торино ги обезбедува услугите на Сушиќ за 2,6 милијарди лири (1,3 милиони евра).
НА КРАЈОТ ПОБЕДИ ПСЖ
Всушност, не. Се открива дека Сушиќ потпишал за двете екипи, Италијанската фудбалска федерација го следи случајот, Интер и Торино не покажуваат професионалност и на почетокот на летото 1982-ра, Сушиќ оди во ПСЖ. Тоа е трет потпис на Папе во кус период, но овој пат навистина паѓа договор, кој му носи среќа. Станува веднаш идол на клубот, кој во тие години не припаѓаше на елитата во францускиот фудбал.
Во 1983-та го освои Купот на Франција, а во 1986-та станува дел од историјата на клубот кој ја слави првата шампионска титула. Пробивајќи го својот пат низ борбените бродови кои доминираа во тоа време како Сент Етјен, Нант и Бордо, ПСЖ на Жерар Улие ја збрижа конкуренцијата. Рошето ги постигнува головите, Џоел Батс го спасува голот, а Сушиќ со своите извонредни игри ги заработува аплаузите.
Foto: EPA
Во тренерската кариера, која му стартува по повлекувањето во Црвена Ѕвезда 1992-ра, Сушиќ најмногу работеше во Турција, а почна во Кан.
Врвот го достигна во 2014-та, кога во улога на селектор на БиХ, ја однесе својата земја на Мундијалот во Бразил. Селекцијата предводена од Џеко и Пјаниќ, беше елиминирана во првата фаза каде се сретна со Аргентина, Нигерија и Иран.
На насловните страници, Сушиќ се најде поради една бизарна изјава која гласеше „Сам задоволи се“. Потоа им објасни на новинарите, дека на играчите им рекол да практикуваат здрава мастурбација, дури и по неколку пати на ден, за да продолжат да тренираат и да пристигнат на натпревар полни со енергија.