66 години ФК Вардар

Датумот 22 јули 1947 засекогаш со златни букви ќе биде запишан во македонската фудбалска историја. На овој датум со фузија помеѓу тогашните фудбалски клубови Победа и Македонија, се роди македонскиот фудбалски великан, ФК Вардар.

На денешен ден пред 66 години е формиран фудбалскиот клуб Вардар, најпознатиот и најтрофеен македонски спортски бренд.

Првите бои на ФК Вардар биле сината и белата, но веќе на следното собрание било одлучено боите на клубот да бидат црвена и бела. Црвено-црната боја е усвоена по земјотресот во 1963-та година.

Во 1961-та година вардарци го подигнаа пехарот на Маршал Тито откако во финалето на купот на СФР Југославија го совладаа Вартекс со 2:1.

40 години по основањето на клубот следеше и најголемиот успех. Панчев, Рингов, Најдоски, Станојковиќ, Савевски, Јаневски, Канатларовски, Сетинов... предводени од Андон Дончевски, ја освоија титулата во Првата југословенска лига во сезоната 1986/87.

Тогашните и сегашни гиганти Црвена Звезда, Партизан, Динамо и Хајдук заминуваа од Скопје со наведнати глави. Некои беа растурани со по 5:0 на тогаш преполниот „Градски" во Скопје, каде не само скопјани, туку и реки луѓе од Тетово, Велес, Струмица, Штип, Гевгелија, Битола... се слеваа кон центарот на градот за да ја поддржат македонската гордост.

По распаѓањето на Југославија и формирањето на македонската лига, Вардар продолжи со успеси. Секогаш ќе се памети првата титула освоена без ниту еден пораз, а потоа следеа и шампионските титули во 1994, 1995, 2002 и 2003, како и пет титули од купот на Македонија.

По големи административни и финансиски проблеми, клубот минатата година доби стабилна управа и ја освои шесттата шампионска титула, а оваа година и ја одбрани истата со што ФК Вардар се врати на старите патеки и на македонскиот врв, место каде што сигурно заслужува да биде најтрофејниот спортски бренд.

22 јули 2013 - 14:45