Ветераните Лорис Кариус и Един Џеко во тандем го враќаат Шалке во Бундеслига. Голманот со често незатресена мрежа а шпицот со гол речиси на секој натпревар.
Един Џеко има 40 години а уште игра на врвно ниво. Тој во четвртокот вечер со прекрасен гол со глава во 87-ма минута против Велс во Кардиф на Босна и Херцеговина и донесе 1-1, обезбеди продолженија а потоа на пенали славеа 2-4 и се пласираа во големото финале за пласман на Светско првенство 2026.

БиХ во вторник вечер ќе игра клучен историски натпревар против Италија на домашен терен во Зеница.
А Един Џеко е приказна за себе. Тој на 22-ри јануари годинава 2026 потпиша договор со Шалке до 30-ти јун. На шест месеци.
Кога дојде во Гелзенкирхен, навивачите на Шалке веќе беа помирени со уште една просечна сезона и дремење во втората германска лига.
Един во Германија немаше играно уште од 2011-та година кога се пресели од Волфсбург во Манчестер Сити а во 2009-та беше главен јунак на сензационалната шампионска титула на Волфсбург во Бундеслига.

И сега во Шалке после цели 15 години повторно покажа дека не го заборавил осетот за германски фудбал.
Уште на првиот натпревар против Кајзерслаутерн постигнал гол иако влезе во игра во 67' минута. Со тој погодок стана највозрасен стрелец на гол во германска втора Бундеслига. Тогаш уште имаше 39 години а сега веќе наполни 40.
За два месеци Џеко има 6 гола и 3 асистенции на осум натпревари. Одигра севкупно 535 минути досега. Во просек има по гол на секои 60 минути.
ЈУНАК Е И ЛОРИС КАРИУС

Најмалерозниот голман кој некогаш бранел за Ливерпул, Германецот Лорис Кариус својот мир си го најде во Шалке. Тој примил најмалку голови од сите голмани во лигата (24), односно дури пет помалку од сите други голмани. 32-годишниот Кариус сезонава има дури 10 „суви“ натпревари без примен гол.
После 27 гола Шалке е прв на табела но има уште да се игра, а разликата меѓу сите Топ 5 во втора лига е само три бода. Директно во Бундеслига одат првите две екипи а третата игра бараж против третиот од позади во Бундеслига.
ШАЛКЕ 3 ГОДИНИ НЕ БИЛ ВО БУНДЕСЛИГА
Сино-белите од Гелзенкирхен во сезоната 2022/2023 испаднаа во втора лига. Претходно испаднаа и во 2020-та кога многу навивачи го доживеаа тоа како шок затоа што екипата беше редовен учесник во Лига на шампиони.
Во сезоната 2023/2024 го освоија 10-то место при што на средина од сезоната беа на 15-то место со сам бод повеќе од зоната за испаѓање во трета лига.
Во 2024/2025 завршија 14-ти на табела и само за 3 бода се спасија од испаѓање. Една од причините им беше ужасната одбрана. Примија тогаш 62 гола за 34 натпревари.
Навивачите беа фрустрирани.

И конечно сезонава заиграа како треба под водство на новиот тренер Мирон Муслиќ. А илјадници навивачи го бодрат Шалке каде и да игра. Пример во март 2025-та година 25.000 навивачи на сино-белите отидоа во Берлин на Куп натпревар против Херта.
Шалке имаше и финансиски тешкотии. На крајот од 2024-та година поради големи долгови морале да продадат повеќе од 200.000 акции на клубот за да заработат околу 50 милиони евра, соопштил претседателот на клубот Матиас Тилман.
И сега Шалке е на патот за назад во Бундеслига. Џеко во напад и Кариус на гол се најзаслужни за тоа.