36-годишниот Игудала беше на чекор од пензија, а сега ќе игра 6-то финале на НБА по ред

Мајами Хит го совлада Бостон Селтикс со 125:113, победи во финалето на Истокот со 4-2 во серијата и закажа мега дуел со ЛА Лејкерс за шампионска титула во НБА.

Франшизата од Флорида после 6 години ќе игра во големото финале на НБА. Во 2014-та година посилен беше Сан Антонио Спарс кој стана шампион.

Хит се можеби најголемо изненадување на сезоната, затоа што никој не типуваше дека може да стигнат до големото финале. Најзаслужни за триумфот против Бостон синоќа беа Адебајо со 32 поени, 14 скока и 5 асистенции, Џими Батлер со 22 поени и 8 асистенции, Тајлер Хиро со 19 поени, 5 скока и 7 асистенции, Данкан Робинсон и Андре Игудала имаа по 15 поени а Драгиќ 13 поени и 7 асистенции.

Кај поразениот Бостон Џејлен Браун уфрли 26 поени со 8 скока а Тејтум 24 поени, 7 скока и 11 асистенции. По 20 уфрлија Вокер и Смарт.

Првиот меч од големото финале ќе се игра во 3 часот наутро во среда.

Интересно, тренерот на Мајами, Ерик Споелстра ќе го игра 5-то финале на НБА во својата кариера, првпат после 6 години. Споелстра така се израмни на вечната листа тренери со најмногу финалиња со Стив Кер и КС Џонс кои исто имаат по 5 големи финалиња. Пред нив се Грег Поповиќ со 6, Џон Кундла со 6, Пет Рајли со 9, Ред Оербах со 11 и Фил Џексон со 13 финалиња.

АНДРЕ ИГУДАЛА Е ЧОВЕК-ФИНАЛЕ

На синоќешниот меч Игудала имаше 15 поени (најдобар негов учинок сезонава), 4 тројки и ниту едно промашување од игра. Интересно, дури и во најдобрите негови години Игудала никогаш не важел за снајпер, но затоа е важен играч за одбраната каде ги извршува сите задачи.

Во летото 2019-та за да добие каква таква компензација од заминувањето на Дурент, Голден Стејт договори размена на слободни агенти со Бруклин. За да има пари за Д’Анџело Расел, на Вориорс им требаше растеретување на буџетот за плати. Решија да се ослободат од 35-годишниот Андре Игудала, највредниот играч во финалето на НБА 2015 и важен елемент од династијата на Голден Стејт.

Игудала го пратија во Мемфис но Андре брзо реши да замине од Канада и да оди во некоја франшиза која има шампионски амбиции. Лејкерс и ЛА Клиперс пројавија интерес за него но сезоната веќе беше почната и Игудала скоро размислувал да замине во пензија и да ја заврши кариерата.

НОВО ПОГЛАВЈЕ И НОВА СТРАНИЦА ВО КАРИЕРАТА

Во февруарскиот дедлајн, Мајами ја спаси кариерата на Андре. Дресот на Хит го облекоа уште двајца ветерани од Мемфис, Џеј Краудер и Соломон Хил. На 6 февруари Игудала потпиша 2-годишен договор со Мајами Хит вреден 30 милиони долари.

За разлика од Краудер кој брзо влезе во прв состав, Андре немаше место во ротацијата, некогаш играше пола саат, некогаш по 10 минути а некогаш остануваше на клупа. Ретко покажуваше блесоци како на времето кога го задржа Леброн и стана МВП на финалето.

Денес Игудала гордо може да каже, дека стигнува до своето 6-то финале во кариерата. Таму пак ќе се сретне со „Кралот Џејмс“. Игудала во големото финале влегуваше пет сезони по ред со Голден Стејт (2015-2019) и освои 3 шампионски титули (2015, 2017, 2018).

Интересно, првпат во историјата на НБА, во едно финале ќе играат екипи кои лани воопшто не влегоа во плејофот. Леброн против Мајами, Пет Рајли против Лејкерс, Игудала против Дени Грин од минатогодишното финале. Ова ќе биде мега дуел кој не треба да се пропушти.

28 септември 2020 - 10:40