Анонимец и 31 ѕвезда во трка за најдобар играч во Европа

УЕФА го објави списокот на 32 кандидати во изборот за најдобар фудбалер во Европа. Помеѓу имињата на Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Андрес Иниеста, Андреа Пирло... се најде и Лес Дејвис, фудбалерот кој во слободно време работи во фабрика за производство на безбедносна опрема.

27-годишниот фудбалер познат под прекарите „Големиот Лес" или „Камионот", имаше неверојатни 24 часа од својот живот. Само што го прославил раѓањето на неговата трета ќерка, ја добил веста дека новинар од Велс го номинирал за наградата најдобар играч на Европа и неговото име се најде на финалниот список од 32 кандидати.

Па така помеѓу имињата на Меси, Роналдо, Руни, Иниеста, Чави, Балотели... се најде и Лес Дејвис.

190 сантиметри високиот и 108 килограми тешкиот член на фудбалскиот клуб Бангор, претпладне работи во фабрика за производство на безбедносна опрема, а попладне тренира фудбал. Тој во минатото бил на проба во Евертон, Вулверхемптон и Манчестер Сити, но не успеал да добие професионален договор и се вратил во Бангор каде има освоено три титули во купот и една во првенството на Велс.

Фудбалерите во изборот за најдобар фудбалер на Европа беа номинирани од новинарите од 53 земји кои своите гласови ги даваа на по пет играчи.

Кандидатите се:

Серхио Агуеро, Марио Балотели, Венсен Компани, Јаја Туре, Давид Силва, Џо Харт (Манчестер Сити), Чаби Алонсо, Икер Касиљас, Фабио Коентрао, Месут Озил, Пепе, Серхио Рамос, Кристијано Роналдо (Реал Мадрид), Сеск Фабрегас, Андрес Иниеста, Лионел Меси, Чави (Барселона), Џанлуиџи Буфон, Андреа Пирло (Јувентус), Петр Чех, Дидие Дрогба, Франк Лампард, Фернандо Торес (Челси), Јакуб Блашчикосвки, Шинџи Кагава (Борусија Д), Радамел Фалкао (Атлетико Мадрид), Раул Гонзалес (Шалке 04), Лука Модриќ (Тотенхем), Лесли Дејвис (Бангор), Вејн Руни (Манчестер Јунајтед), Робин Ван Перси (Арсенал) и Златан Ибрахимовиќ (Милан).

Победникот ќе биде објавен пред ждрепката за групите на Лигата на шампионите на 30 август.

17 јули 2012 - 09:39