27 години од трагедијата на Хејсел

На денешен ден пред 27 години на стадионот „Хејсел" во Брисел загинаа 39 навивачи пред одигрувањето на финалето од Купот на европските шампиони помеѓу Јувентус и Ливерпул.

Една од најголемите трагедии во европскиот фудбал се случи кога навивачите на Ливерпул ја пробија оградата и ги нападнаа навивачите на Јувентус. По масовната тепачка се сруши и дел од трибината на стариот стадион изграден во 1930-та година.

Крајниот биланс на трагедијата беше 39 загинати и 580 повредени навивачи.

Финалниот натпревар сепак се одигра со задоцнување од еден час и 27 минути, а Јувентус го победи Ливерпул со голот на Мишел Платини од пенал.

Осудени беа 14 навивачи на Ливерпул, а по барање на Маргарет Тачер, англиските клубови добија забрана за настап во европските натпреварувања во следните пет години.

Британската премиерка воведе нови закони и драконски казни за хулиганите. Една од мерките беше и отстранување на заштитните огради помеѓу трибините и теренот по што британските стадиони станаа едни од најбезбедните во Европа.

29 мај 2012 - 11:19