На 13 октомври 1993 година легендарниот Андон Дончевски во Крањ истрча со следниов состав: Зоран Мицевски, Кире Грозданов (63' Неџмедин Мемеди), Зоран Јовановски, Драган Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски, Зоран Бошковски (86' Ванчо Мицевски), Љупчо Марковски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски (12' Горан Георгиевски, 73' Сашо Милошевски), Тони Мицевски.
Тие го одиграа првиот натпревар на Македонската фудбалска репрезентација која со головите на Зоран Бошковски Чоко, Дарко Панчев, Чедомир Јаневски и Драган Канатларовски триумфираше со 1:4.
На истиот ден пред 11 години ни се случи и најголемиот фудбалски срам од независноста. Пожарникарите и келнерите од Андора токму против нас се радуваа на првата победа на официјален натпревар. Не победија на нивни терен со 1:0.
Македонија за 22 години смени 18 селектори, стотици фудбалери и ги прокоцка сите квалификациски циклуси. Европските квалификациски авантури три пати ги завршија на четвртото место (1996, 2000 и 2004), два пати на петтото (2008 и 2012) и на крај за прв пат на последното шесто место.
Слично е и кај квалификациите за Светско каде три пати се четврти (1998, 2002 и 2010), еднаш петти (2006) и еднаш на дното (2014).
Скорот на 198 меча вели: 54 победи, 51 реми и 94 порази или во голови 217 дадени и 275 примени.
Репрезентација која на 10 меча победува само еднаш и тоа против Луксембург нормално дека ќе биде 132-ра фудбалска земја во светот во друштво со најслабите 8 селекции од Европа: Андора, Сан Марино, Малта, Лихтенштајн, Казахстан и Луксембург и Молдавија.
Македонија во последниве квалификации за 900 минути фудбал даде 6 гола, а Роберт Левандовски за 9 минути постигна 5.