15 години од незаборавниот Мундијал на триото Роналдо - Ривалдо - Роналдињо

Селекциите на некои земји од Светските првенства едноставно не се забораваат. Таква беше онаа на Бразил, силна, славна и култна која те мами да навиваш за нив. Покрај популарните тројца во напад ги имаа Кафу, Лусио, Жилберто Силва, Дида, Кака. Генерација на која секогаш ќе се навраќаме.

На СП во Јапонија и Јужна Кореја ретко кој веруваше во Бразил, бидејќи за четири години сменија четири селектори, а Роналдо имаше две операции на коленото и отсуствуваше две години без да настапи да квалификациите
 
Но и покрај тоа Кариоките ја покажаа својата класа и не дозволија никој да ги победи на Мундијалот во 2002-ра кој се играше од 31 мај до 30 јуни.

Славниот состав на Бразил предводен од Луис Фелипе Сколари беше магнет за секој гледач, а како и да не биде така кога на едно место беа Кафу, Лусио, Роке Жуниор, Едмилсон, Роберто Карлос, Жилберто Силва, Роналдо, Ривалдо, Роналдињо, Клеберсон, Рикардињо, Дида, Андерсон, Денилсон, Жунињо, Кака...

Генерација за почит која везеше со топката и која беше празник за очи. Во групна фаза ги збришаа Турција (2:1), Кина (4:0) и Костарика (5:2), а во нокаут фаза на патот до финалето им стоеа Белгија (2:0), Англија (2:1) и одново Турција (1:0).

Финалето се играше на 30 јуни на стадионот Јокохама пред речиси 70.000 гледачи, а судија беше Пјерлуџи Колина. Германија во тоа време ги имаше Кан, Нојвил, Клосе, Јеремис, Метцелер, Бироф, Леман, Балак, но немаше лек за Кариоките.
 
И покрај тешката повреда на коленото, тоа беше Мундијал на Роналдо кој го заврши како најдобар стрелец со 8 гола од кои два во финалето со кои ја расплака Германија, предводена од Руди Фелер. Само фризурата не му чинеше.

За Бразил тоа беше втор трофеј во три финалиња по ред (1994, 1998, 2002) и вкупно петти рекорден. Италија и Германија имаат по четири. Легендарниот Кафу тогаш стана единствениот играч кој одиграл три мундијалски финалиња по ред.