Постои јасна можност дека ќе удриме во ѕид, дека ќе се појават некои тешкотии кои не сме ги предвиделе и за кои нема да најдеме брзо решение. И тоа би можело да биде вистински финансиски крах, предупредува Јошуа Бенџо, еден од „кумовите“ на вештачката интелигенција.
Неверојатно многу пари се вложуваат во компаниите што развиваат вештачка интелигенција, иако тие не само што не ги враќаат инвестициите, туку и генерираат огромни финансиски загуби. Планирано е да се потрошат 2.900 милијарди долари само на центрите за податоци – централните нервни системи на алатките за ВИ. Производителот на чипови Nvidia стана првата компанија во светот што надмина вредност од 4.000 милијарди долари. Мета на Марк Закерберг и Опен АИ на Сем Алтман нудат бонуси од по 100 милиони долари за врвните инженери.
Инвеститорите на овие небесно високи суми не се задоволуваат од попатни производи и убедени се дека ќе ги оплодат вложените милијарди кога ќе биде развиена општа вештачка интелигенција (AGI) – прагот на кој се изедначува интелигенцијата на машините и на луѓето.
Ништо помалку од AGI нема да биде доволно за да ги оправда инвестициите што сега се предвидуваат за следната деценија, забележува Дејвид Кан од Sequoia Capital, моќна инвестициска фирма од Силициумската долина.
Загриженоста за можниот удар во „ѕид“ се разгоре минатото лето по разочарувачкото лансирање на новата јазична алатка на Опен АИ. Моделот GPT-5 имаше само маргинално подобрени капацитети во однос на својот претходник, а многумина корисници го оценија и како полош. Довербата благо се врати во ноември со лансирањето на Gemini 3 и новите модели на Google за генерирање зачудувачки реалистични видеа.
Големо внимание почна да се посветува и на „кружната“ природа на договорите меѓу големите играчи. Nvidia вети дека ќе инвестира 100 милијарди долари во Опен АИ, а компанијата на Алтман во исто време се согласи да купува чипови од Nvidia во вредност од милијарди долари. Аналитичари стравуваат дека овие договори поткрепуваат кршлива структура, која би можела катастрофално да се сруши ако инвеститорите се исплашат од застој во развојот.
Оптимист меѓу економистите е технолошкиот аналитичар Бенедикт Еванс, кој тврди дека инвестициите во ВИ не се ништо полоши во споредба со други индустрии како нафтата и гасот, во кои се вложуваат по околу 600 милијарди долари годишно.
Капиталните трошоци се големи, но не се невозможна сума пари. Инвеститорите не мора да веруваат дека AGI e големата работа, туку дека ВИ целосно ќе го промени начинот на кој функционираат рекламирањето, пребарувањето, софтверот и социјалните мрежи, сè на што се базира нивниот бизнис, изјави Еванс.