Терминот потекнува од работничките совети кои се основаат за време на Руската револуција во 1905. Официјално првиот работнички совет е формиран во Иваново за време на големиот штрајк на 40.000 работници.
Првично Советите претставуваат широк фронт на директна демократија, кој опфаќа водење на работниците, организирање штрајкови и политичка и воена борба против Руската империја главно преку директни акции.
Во прво време дури и меншевиците (припадниците на десното крило на Руската социјалдемократска работничка партија и противници на радикалното левичарско крило на Ленин - болшевиците) имаат надвласт во советите. Како што минуваат годините и посебно Првата светска војна, така болшевиците добиваат се поголема власт во советите.
За цело време до соборувањето на Руската империја, Советите се најмасовната политичка сила во земјата која се бори против буржоазијата. Заради ова и едно од главните обележја на советите е дека во нив не може да членува ниту еден припадник на руската буржоазија.
Во периодот помеѓу Февруарската револуција (23 февруари 1917 по јулијански календар) и Октомвриската револуција (25 октомври 1917 по јулијански календар) Советите стануваат најмоќната политичка организација во земјата.
Во борбата против привремената власт на Александар Керенски нивна парола е „Целата власт на советите“ (Вся власть советам).
По октомвриската револуција болшевиците и нивните сојузници изработуваат програма на „советска влада“, во која системот на совети е опишан како „повисок тип на држава“ и „повисока форма на демократија“. Меѓу другото таа предвидува угнетените народни маси да можат „активно да учествуваат во слободното создавање на новото општество“.
Според Ленин, кој е автор на дел од програмата, владеењето на советите „не е ништо друго освен организирана форма на диктатура на пролетаријатот“.
Кога после револуцијата болшевиците доаѓаат на власт, Советите се прошируваат на секое тело кое е дел од државата, од централно до локално ниво и секое од нив има свои советски претставници. На врвот на оваа пирамида на советската власт е Врховниот Совет, кој е основан во ноември 1922.
Како што се зацврстува власта на советите така и локалните органи на власта се нарекуваат совети, во зависност од придавките кои го означуваат административното ниво: градски совет, реонски совет, селски совет.
Хиерархијата е следна:
- Фабричките и селските совети испраќаат свои делегати во градските совети.
- Градските совети испраќаат делегати во регионалните совети.
- Градските и регионалните совети избираат делегати за провинциските совети.
- Провинциските совети испраќаат делегати во Советот на републиките.
- Советот на сојузните републики испраќа делегати до Конгресот на советите на СССР.
Сојузот на Советските Социјалистички републики е основан во 1922 со соединување на четири територии: Русија, Белорусија, Украина и Закавкаската република (Ерменија, Азербејџан и Грузија), како федерален систем кој се базира на советите поставени во фабриките, селата, градовите и поголемите делови од новата држава, над кои во секоја република стои сојузниот конгрес на советите. На врвот на оваа хиерархија е Врховниот совет.
Со уставот од 1936, советите, на сите нивоа, се дефинирани како „инструменти преку кои Комунистичката партија владее со земјата“. Со ова органите на комунистичката партија ги носат одлуките за сите политики, а советите делуваат како систем за имплементирање на партиската програма.
Сојузот на Советските Социјалистички републики официјално престана да постои на 25 декември 1991.