Мозокот почнува да се гаси по само десет минути со ВИ

Јазичните модели со вештачка интелигенција се создадени за да му помогнат на човекот повремено да го растовари мозокот од повторливи и здодевни задачи. Логична последица е дека колку повеќе активности се префрлаат на четботот, толку повеќе се губи навиката за активирање на вијугите. Ново истражување покажува дека ова се случува неверојатно брзо и интензивно.

Првите последици за мозокот од вештачката интелигенција може да се појават по само десет минути користење на алатки со ВИ, покажува нова студија од експерти од универзитетите Карнеги Мелон, МИТ, Оксфорд и УКЛА.

Истражувачите поделиле доброволци во две групи и им дале задачи со разбирање на прочитан текст и со решавање математички проблеми. Едната група работела нормално. Другата добила помош од четбот управуван од моделот GPT-5 на OpenAI. По десетина минути, без никакво предупредување, истражувачите ја отстраниле помошта од ВИ среде решавањето на тестовите. Работите многу брзо тргнале надолу. 

Кај оние што се потпирале на алатката со ВИ бил забележан пад на перформансите речиси веднаш, во обем од околу 20% во споредба со луѓето од другата група, кои самостојно го решавале тестот од почеток.

Отстранувањето на помошта двојно ја зголемила веројатноста за прескокнување на задачи за да им се навратат подоцна. Резултатот бил идентичен и за решавањето на текстуалните и на математичките проблеми.

Откако луѓето ќе се навикнат да ѝ ја префрлат тешката работа на вештачката интелигенција, се губи нивната способност самите да изнаоѓаат решенија за проблемите, заклучуваат авторите на студијата.

Падот на перформансите бил највпечатлив кај луѓето кои ја префрлале целата работа врз алатката со ВИ, без да вложат никаков сопствен напор. Оние што ја користеле како помагало, барајќи совети, имале нешто подобри резултати откако биле оставени без помошник. 

Резултатите од студијата истакнуваат колку е сложен и чувствителен проблемот за интегрирање на алатките со ВИ, особено во професиите и ситуациите од животот во кои се неопходни вештини за критичко размислување.

Желбата да се префрли што поголем товар врз вештачката интелигенција нè одвикнува од активирање на сопствениот мозок, заклучуваат истражувачите.

14 мај 2026 - 14:32