Вечерта на Хауелс му текнува дека на стариот хард-диск има мејлови, даунлодирана музика, дупликати од семејни фотки, а го има извадено од лаптопот кога истурил сок врз него. Сепак решава хард-дискот да го фрли во црна вреќа со остатокот од ѓубрето.
Пред легнување тој ја замолува сопругата ако сака утредента кога ќе ги носи децата на училиште да ја однесе и вреќата ѓубре до локалниот отпад, на што таа неволно се согласува бидејќи „тоа е твоја работа“.
Утрото сопругата ја фрла вреќата.
Хауелс оди на одмор во Кипар со другарите и се враќа.
Поминуваат неколку месеци кога Хауелс забележува една сторија од БиБиСи за 29-годишен Норвежанец кој го искористил својот профит од рано купување биткоин за да плати дел од својот нов стан во Осло од 400.000 долари.
Иако релативно нов во тоа време, Хауелс преку еден он-лајн форум се запознава со биткоинот 5 години пред тоа, во 2008, кога го користи својот лаптоп за копање биткоин. Наскоро го сетира гејминг лаптопот ноќно време да копа. За возврат тој добива приватен клуч со кој може да пристапи до својата битокин сметка. Прв пат кога се вклучува неговиот компјутер е еден од петте што тогаш се на мрежата. Копањето продолжува неколку месеци секоја вечер.
Тој престанува со копање само затоа што вентилаторите на лаптопот ја нервираат неговата сопруга, па проценува дека „не се исплати да се расправам“. Биткоинот во тоа време нема никаква вредност, ниту пак некој очекувал дека ќе има.
Хауелс целосно го баталува ова и се префрлува на други проекти, што на работа, што по дома.
До овој момент, Хауелс има ископано околу 8.000 биткоини. За споредба, денес на американско домаќинство со просечна потрошувачка на струја ќе му требаат најмалку 13 години за да ископа 1 биткоин.
Половина година подоцна додека работи тој истура лимонада на лаптопот и целосно го уништува. По инцидентот дел од содржините од хард-дискот ги префрла на новиот АјМак, ама не се ни помачува да го префрли биткоин фолдерот, делумно и затоа што во тоа време тој не бил поддржан од Мекинтош. Завршува работа и го става хард-дискот во фиока.
Кратко време по веста од БиБиСи за Норвежанецот, од ведро небо се освестува и во паника ја проверува фиоката на бирото. Таму наоѓа хард-диск, меѓутоа празен, не тој од Дел лаптопот.
Во тој момент веќе се изминати неколку месеци, и вреќата со ѓубре со хард-дискот, сега е затрупана под планини отпад од други луѓе. Хауелс сака да оди на депонијата за да почне да бара, ама бидејќи се случува во 2013 кога уште никој нема поим за криптовалути и затоа што му е срам, тој цел месец ништо не кажува додека беспомошно гледа како цената на биткоинот расте.
Во времето кога и признава на сопругата, овие 8.000 биткоини вредат шест милиони долари, па таа почнува да го охрабрува да оди на депонија и да го побара хард-дискот.
Хауелс оди на депонијата, разговара со неколку надлежни кои му се исчудуваат, за на крај еден од нив да го однесе на едно ритче во депонијата, за да види за што се работи.
„Имаше 10 до 15 фудбалски игралишта со отпад,“ се сеќава Хауелс.
Добрата вест што ја добива Хауелс е дека иако се отпад, депониите имаат одредена архитектура и се полнат по одреден редослед и според отпад што доаѓа, па не е невозможно да се утврди на кое место е фрлена вреќата и таму да се бара. Сега му треба само дозвола од градот за копање по отпадот.
Паралелно со ова тој на најразлични биткоин форуми и Твитер прашува дали има начин како да се стигне до приватниот клуч без наоѓање на дискот „иако знаев дека нема.“
Барањето за дозвола за ископување е одбиено од Градските власти по различни основи: дека тој е уништен до сега и дека еколошкиот ризик за негово ископување ќе биде премногу голем.
Хауелс седнува и ја изучува технологијата зад хард-дисковите, и открива дека дискот внатре има слој од кобалт кој е анти-корозивен. Иако признава дека може да е малку оштетен од товарот врз него, меѓутоа тоа не би можело да го скрши дискот и да ги оштети податоците што се на него. Тој разговара и со експерти за вадење податоци од дискови кои работат за НАСА (Онтрак), кои му потврдиле дека ако дискот не е пукнат или скршен има 80 до 90 проценти шанси дека податоците можат да бидат спасени, а се што му треба на него е еден фајл од 32 килобајти.
Веќе е 2017 и градот Њупорт повторно го одбива барањето на Хауелс за ексхумација на дискот.
Во 2018 вредноста на закопаниот биткоин на отпадот во Њупорт надминува сто милиони долари. Хауелс и понатаму ги моли градските власти за дозвола, а контактира и со локалниот пратеник во британскиот парламент.
За сите овие години тој се среќава и со потенцијални инвеститори кои би го финансирале ископувањето во замена за две-третини од биткоинот.
На почетокот од 2021 Хауелс им нуди на градските власти 25% од биткоинот на дискот во замена за дозвола. Градот и понатаму го одбива.
Во мај тој има Зум состанок со двајца надлежни од градот за депонијата. Откако го презентира својот предлог, претставничката на градот му кажува: „Знаете, г-дин Хауелс, во Градскиот совет на Њупорт постои апсолутно нула апетит за започнување на овој проект“. Кога завршува состанокот таа му порачува дека ќе му се јави ако работите се променат.
Едно од објаснувањата на Хауелс зошто 9 години не може да добие дозвола од градот за копање е дека при закопувањето на неговиот отпад, најверојатно не се следени сите задолжителни еколошки процедури, па властите се плашат дека откопувањето на вреќата, ќе откопа и други непријатни работи кои ќе го „остават градот отворен за тужби“.
Тој веќе има направено и пресметки, дека делот што сака да го ископа е 250 метри на 250 метри со 50 метри длабочина, што ќе извади 40.000 тони отпад.
„Не е невозможно, нели?“ ќе го запраша Хауелс новинарот на Њујоркер.
Неговата проценка е дека целиот проект ќе чини 5 милиони фунти, екипа од 25 луѓе ќе може да ја заврши работата за девет месеци до година дена, а за тоа е предвидено и 3Д машина за селектирање на отпад која ќе може да го идентификува секој хард-диск.
Во средината на ноември 2021 Хауелс повторно има состанок со градските власти. И тогаш повторно е одбиен.
Последната намера му е да изработи физибилити студија која ќе докаже дека операцијата за ископување на хард-дискот ќе биде успешна.
Највисоката цена што ја има постигнато биткоин е 68.000 долари за 1 биткоин. По овој курс, 8-те илајди биткоини на Хауелс вределе - 544 милиони долари.