Да се работи е „онаа гротескна неизбежност на современиот живот во капиталистичко општество“, како што негодуваат претставниците на Генерацијата З. Ти треба за јадење, кирија и забавување, но системот е срушен и на сите им е тоа јасно. Има и ново истражување објавено во Бизнис Инсајдер според кое младата генерација порадо би дала отказ, отколку да седи несреќна на работно место, што пак на опасна територија ги води шефовите навикнати да ги тераат вработените да работат како коњи. Дојден е крајот на идејата дека мораме да правиме огромни компромиси заради работата - дури 56% од младите велат дека би си отишле, или воопшто не би ни прифатиле работа ако имаат проблеми со социјалните или еколошките политики на компанијата.
Според истражувањето, младите денес сакаат комплетно да се внесат себеси во професијата, па не им е проблем да не прават компромис од нивните лични вредности, што пак укажува на тоа дека динамиката на моќ е комплетно променета. Бидејќи е генерациска, а не индивидуална работа, колективниот мајндсет почнува да ги принудува работодавачите да се освестат: ако не можеш никого да натераш да свитка кичма пред твоите барања, тогаш ќе мораш ти да се свиткаш во обратна насока.
Кога на ова ќе се додаде фактот што светот сѐ побрзо се движи кон неповолно нормално, со преморот од пандемијата, глобалните конфликти и климатската катастрофа, луѓето се свестуваат дека животот е прекраток за да се помине во работа што не сакаш да ја работиш. Штедливоста и обидите да се најдат помалку експлоатирачки начини да се финансира животниот стил се сѐ поатрактивни алтернативи. И фала богу, среќата и задоволството се сѐ повисоко на листата на приоритети кај луѓето. Сега сме спремни и да се бориме за нив. Деновите на прифаќање на минимум се завршени, а според одговорните за истражувањето, „Бизнисите мораат одново да го обмислат нивниот пристап за привлекување и задржување на персонал, или да се соочат сериозна конкуренција.“