
Трендот не се случи преку ноќ - eден од најчесто посочуваните моменти дојде во 2012 година, кога тогашниот креативен директор на Сан Лоран, Хеди Слиман, го поедностави визуелниот идентитет на брендот и го отстрани Yves од официјалното име. Потегот предизвика дебати меѓу модните критичари, ама па - што ако: во однос на бизнис и продажба, резултатите беа одлични и брендот влезе во нова фаза од својот развој.
Во годините што следуваа, слични редизајни почнаа да се појавуваат кај сè повеќе луксузни куќи. Старите логоа со препознатлив карактер беа заменувани со минималистички решенија, најчесто базирани на sans-serif фонтови, кои важат за едноставни, геометриски и лесно препознатливи на дигитални платформи.
Резултатот беше во најмала рака необичен: на толку години градење бренд, визуелен идентитет, и борба за кој ќе има подосетливо лого, фонт и интересности, доаѓаме до тоа сите да личат едни на други, барем по тој визуелен идентитет.
Дел од причините се поврзани со самата структура на индустријата. Креативните директори често се движат меѓу истите модни куќи, работат со истите дизајнерски студија и се формираат под влијание на слични естетски принципи. Кога еден пристап ќе покаже дека функционира, лесно се претвора во нова норма.
Промената е и одраз на пошироките навики на современата публика - денес логото ретко се среќава прво на фасада или на страница од списание. Најчесто се појавува на екран од мобилен телефон, во агол од фотографија на Инстаграм или како икона, па сложените детали често се губат, па затоа многу брендови почнаа да го фаворизираат минимализмот, не само како естетски избор, туку и како практична потреба на дигиталната ера.
Постои уште една разочарувачка промена. Помладите генерации имаат сè помал контакт со ракопис и со украсните форми на пишување кои некогаш биле дел од секојдневната комуникација. Не дека само „не им се омилени“ - просто не можат да ги прочитаат, не разбираат. Оттаму и дојдовме до точка во историјата каде што типографии што во минатото асоцирале на префинетост и традиција денес џабе постојат кога не може целото писмено население да ги прочита.
Сепак, дизајнерите често предупредуваат дека визуелниот идентитет не е само техничко прашање - логото е еден од ретките елементи што може да преживее со децении, па дури и со векови. Затоа и дебатата околу овие редизајни не е само прашање на вкус, туку и за прашањето колку далеку може да се оди во модернизацијата без да се изгуби препознатливоста.
А сега, одиме од другата страна, кај Букбокс: ВИ се свртува кон сериф фонтовите - зошто?