Во исто време со Климт живее Емили Флуге, име што времето успеало да го скрие и еве ја тука, позира во сопствените креации - вистинските фустани зад жените во златно на Климт.
Почнува како шивачка во Виена, во школото за правење фустани на нејзината постара сестра. Заедно победиле на натпревар во 1899, по што им побарале да дизајнираат нешто за една престижна изложба. Од таму, успеваат да го израснат бизнисот и да отворат моден салон за haute couture со име Schwestern Flöge (Сестрите Флуге).
Салонот станува сѐ поуспешен, а таа внимателно ги следи нејзините современици во Париз, како Коко Шанел и Кристијан Диор. Надвор од салонот, Емили има бунтовен вкус за мода што конвенционалното општество во тоа време не го разбирало - своевидна Вивиен Вествуд на нејзиното време.
Но, еден боемски сликар, Густав Климт - совршено разбрал.
Се сретнале кога Емили имала само 18 години - нејзината помала сестра Хелен била мажена за братот на Густав - Ернст Климт. Починал само една година по свадбата, па Густав бил назначен за старател на Хелен и често бил гостин во летниот дом на Емили на езерото Атерсе.
Инстантно се зближиле. Некои велат и дека биле љубовници и дека Бакнежот на Климт е всушност автопортрет од него и Емили. Во секој случај, му станала придружничка и ги мешале и високите и боемските кругови, а од секаде тој ѝ праќал перспективни клиенти.
Нејзините дизајни имаат влијание од раното феминистичко движење кое налагало попрактичен и поудобен стил, но се инспирирала и од боемштината на Климт, кој дизајнирал заедно со нејзе, и за нејзе.
Сепак, фустаните не се продавале, биле премногу револуционерни, премногу пред нивното време. Сликите на Климт требало да бидат подобри од било каков Вог во тоа време, но сепак, Флуге не доживува да ја види нејзината работа препознаена за генијалност.
Во 2015, ревијата на Валентино за есен/зима беше инспирирана Флуге, дури и на памфлетите го пишуваше нејзиното име, без разлика што најверојатно огромен процент од гостите немале поима која е.
Втората светска војна ѝ го има уништено и бизнисот и салонот, па почнува да работи од нејзиниот стан. Иако по прераната смрт на Климт на негови 56 наследува половина од неговиот имот, сепак, како да ја губи инспирацијата.
Климт добил удар во 1918 и наводно последните зборови му биле:
„Викнете ја Емили.“