
Инцидентот се случил во февруари 2023 година, за време на летот од лондонскиот аеродром „Хитроу“ кон Лахор, Пакистан. Ифтихар патувал во прва класа со своите три деца и една од своите сопруги. По неколку чаши шампањ, тој станал агресивен кога кабинскиот екипаж го замолил да седне.
Сведоците изјавиле дека тој почнал да ги снима со телефон и да вика: „Не ми кажувај што да правам, кучко!“. Откако пилотот бил известен и го вклучил знакот за врзани појаси, Ифтихар станал уште понасилен и почнал да ѝ се заканува на ветеранка-стјуардеса, Енџи Волш.
Според судските документи, тој ѝ рекол дека ќе биде извлечена од хотелската соба во која ќе преноќува и „групно силувана“, а потоа запалена. Дури се заканил дека ќе го „дигне во воздух“ катот каде што ќе биде сместен персоналот по слетувањето.
Во еден момент станало толку опасно, што пилотот сериозно размислувал да го пренасочи авионот кон Турција.
Волш, која има 37 години искуство во авиокомпанијата, изјавила дека инцидентот ѝ го променил животот:
„Не можам да поверувам дека еден патник толку многу ми го уништи чувството за сигурност и љубовта кон работата. Морав да земам 14 месеци пауза. Овој настан ме скрши.“
Полицијата го уапсила Ифтихар еден месец подоцна во неговиот дом во Бакингемшир. Тој признал вина за закани за убиство и за расно мотивирано вознемирување. Судот утврдил дека има шест претходни пресуди за петнаесет прекршоци, меѓу кои и насилство и возење во пијана состојба.
Во август годинава, добил казна од само 15 месеци затвор, што предизвикало реакции во јавноста. Пратеникот Крис Филип го пријавил случајот до државниот правобранител како „недоволно строга“ пресуда.
По повторното разгледување, Апелациониот суд ја зголемил казната на четири години и три месеци. Државниот правобранител изјавил дека новата казна „подобро ја одразува тежината и трајната штета што ја предизвикале неговите закани“.

„Менталното здравје не е шега. Пред да судите, обидете се да разберете,“ се обиде јавно да го одбрани една од двете сопруги на Ифтихар, пакистанска актерка со над половина милион следбеници.
Ифтихар моментално ја издржува казната во британски затвор.