
Во новиот круг на интернет-дебати за женската независност, една неочекувана идеја се пробива во мејнстримот: дека е глупо, непријатно, па дури и срамно - да имаш дечко. И на социјалните мрежи веќе не е прифатливо да се појавиш со партнер во објавите.
На популарниот подкаст Delusional Diaries, воден од две њујоршки инфлуенсерки, Хали и Џаз, се поставува прашањето дали „да имаш дечко“ денес е излитена работа. Според нив, дури и жени кои се во врски често се дистанцираат од сопствените партнери - делумно во знак на солидарност со другите жени, делумно затоа што да си „девојка со дечко“ повеќе не е кул. Во новиот социјален код, партнерството не е потврда на женственоста, туку нешто што се третира со иронија.
Се појавуваат и слики каде што на машките им се отсечени главите, па има и случаи каде што девојки си ги отследуваат другарките само затоа што објавиле слика со дечко - и сè ова знае и вирално да стане. Сакаат да ни кажат дека да, да имаш дечко е срамота, па и републикански. BBC Radio 4 посвети цела епизода на феноменот, каде новинарот Адам Флеминг разговара со инфлуенсерки за искуствата на „фотошопирање“ партнери од нивните профили - или едноставно избегнување на врски.
„Сето тоа звучи многу адекватно како за 2025,“ пишува британската колумнистка Џоана Греј, „но е и длабоко тажно.“
Таа очекувала барем некој момент на искреност за радоста што произлегува од љубовта, партнерството и семејството - но не го добила. Наместо тоа, трендот оди во спротивна насока: сè повеќе книги и подкасти ја слават сингл-филозофијата на живот.
Проблемот е што луѓето често тераат сè во крајности. Ако се во врска, врската ги дефинира. Ако се сингл, не се во мир со тоа, туку или го прават главна карактерна особина во недостаток на подлабоки карактерни особини, или се трудат да излезат од таа категорија.
Се нема усул. И нормално дека ќе се појавуваат екстреми на двете страни. Затоа и во оригиналниот текст за Дејли Скептик, аголот на пренесување на приказната е за жал во корист на „не знаат што зборуваат феминистките, не се свесни дека сакаат семејство“.
Може ли само да ги пуштиме луѓето да прават што им се прави?