Може ли да се помириме со фактот дека жените сакаат постари мажи и готово?

Или, како што ќе рече насловот на една колумна во Индепендент: „Јас сум со Флоренс Пју - тоа што жените навистина сакаат е разлика во години.“

Флоренс Пју, ЕПА

Пред неколку години видов твит што сакаше да каже дека актерката Флоренс Пју, тогаш 24-годишна е во врска со „неприкладно многу“ постар актер и режисер.

Веднаш почнав да анализирам. Колку тоа постар? Чарли Чаплин бил 36 години постар од Уна О‘Нил. Вуди Ален 35 години од Сун Ји Превин. Или режисерката Сем Тејлор Џонсон што е 24 години постара од сопругот?

Замислете колку бев запрепастена кога открив дека тогашниот избраник на Флоренс Пју е актерот Зак Браф и дека е 21 година постар од неа. Нит е дедо, нит е тинејџер, значи влегува во широкиот спектар на она што треба да биде социјално прифатлива опција за романтична врска - наспроти, да речеме, Џефри Епстин и неговите односи со малолетни подведени тинејџерки кога имаше 50 години.

Згрозеноста од врската на Пју и Браф беше толку гласна ширум социјалните мрежи тогаш, што актерката почувствува потреба да даде посебна изјава:

„Отсекогаш ми било чудно што можам да бидам доволно добра за луѓето да ми ги гледаат делата, и да ме поддржуваат, да плаќаат карти, и имам доволно години за да бидам возрасен човек и да плаќам даноци, но не сум доволно возрасна за да знам со кого смеам, или не смеам да имам секс.“

И веројатно ја погодиле реакциите затоа што го дискутираше тоа и на еден подкаст, каде што рече дека со Браф се соочиле со ненормално многу малтретирање само затоа што има „разлика“ во години. И појасни дека всушност Браф го изел стапот, како да е педофилен киднапер.

Мене ми е јасна болката на Пју. Кога имав 23 (како и таа кога почнала да се гледа со Зак Браф), почнав да излегувам со 50-годишен архитект што личеше на Бетовен, со облак од седа коса. Моите може ќе беа шокирани, да не беше фактот што татко ми, кој почина кога имав 20, беше 27 години постар од мајка ми - врска што траеше до смрт и произведе пет деца.

Постоеја секакви причини што не беа „daddy issues“ што ме привлекоа кон архитектот. Прво, фактот што мажите на моја возраст беа разочарување, што го има и Пју изјавено. Второ, ми светна еден едноставен факт: повеќето мажи не созреваат додека не наполнат четириесет. Што значи, ако не сакаш да му помагаш на незрел, несигурен млад човек да вежба „врска за возрасни“, каде што сите грешки ќе ги прави со тебе (вклучувајќи го тука и приоритетот за неговото сексуално задоволство пред сè), веројатно ти треба некој со искуство.

Истовремено уживав во гламурот на партнер што може да ме однесе во фин ресторан, пред потоа да се повлечеме во неговиот стан. Но, сепак, најголемата привлечност лежеше во тоа дека беше многу интелигентен, смешен и енциклопедија од човек што ми даде многу животни лекции.

И покрај сето ова, пријатели, па дури и непознати ни ја доведуваа врската во прашање. Еднаш бевме во ресторан и еден тип во костум дојде и праша дали сум му ќерка или љубовница на дечко ми, „затоа што се кладевме со другарите“. Одеднаш, нашата љубов стана сечија работа. Некои од пријателките на дечко ми не одобруваа и едвај ми викаа „здраво“, а пријателите ме третираа како слободен дивеч и често несуптилно ми се пуштаа.

Но, добро, ова беше 1991. Она што навистина ме чуди е што во наводно просветлените 2020-ти, сите уште се однесуваме како страста да има рестрикции во однос на возраст, меѓу луѓе што се всушност возрасни и согласни. Не може да им аплаудирате на „тетки“ како Мадона или Хајди Клум кои се во врска со помлади дечки, без да им дозволувате на мажи во средни години да излегуваат со жени во свои 20-ти.

Да, сите се кикотиме додека Леонардо Дикаприо старее, а жените што му влегуваат и излегуваат од дома сè повеќе личат како да му се внуки, ама тие жени се доволно возрасни да го направат тој избор. Не им ветува филмска улога, ниту им се нафрла во хотелски соби како Харви Вајнстин. Има разлика меѓу предаторство и просто - имање тип - макар и тоа да значи дека е толку нефлексибилен што девојките никогаш не му надминуваат 30.

Има многу постари мажи и жени што просто се паметни и прекрасни. Во последно време често мислам на Лесли Менвил која на 69 треба да ја игра еротски манипулативната, умна Маркиза од Мертој во театарската адаптација на „Опасни врски“. Докажува дека нема лимит на сексуалната харизма и опасност - дури и мојот 21-годишен син гледа колку е магнетски-привлечна.

Некои луѓе едноставно стануваат се посекси со секоја деценија. Можеби тие што критикуваат просто не можат да се помират дека еден Антониј или Клеопатра освојуваат по некој Ромео или Јулија, па сите други се чувствуваат како лузери. Е па, како што ќе каже божицата Пју, помирете се:

„Го бранам него и се бранам себеси да можеме да правиме што сакаме.“

Време е самопрогласената секс-полиција да си најде нова мета.

-Роан Пелинг, Индепендент

13 ноември 2025 - 12:43