Корозивноста на натриумот и способноста да разложи органска материја (на пример, дрво) не била атрактивна само во индустриска конотација. И Леонарда Чианчули се има инспирирано од тоа. Меѓу 1939 и 1949 има убиено три жени и ги има разложено во каустична сода. Човечкото тело е нели, сепак органски материјал.
Според некои извори, Леонарда искористила барем едно од телата да направи сапуни кои потоа ги подарувала на познаниците и соседите.
Родена е во 1893, во Монтела, Авелино. Малку се знае за нејзиното детство - едни извори велат дека е плод на силување, и дека таткото бил принуден да се ожени за мајката која му била жртва. Според друг извор, била трето дете и немало никаков присилен брак. Но, двете приказни водат кон суицидална Леонарда која два пати се обидувала да се самоубие. Во првиот случај поради тешкото детство, во вториот откако ја затвориле.
Пред убиствата, Леонарда веќе била проблематична жена која еднаш и била во затвор поради измама. По земјотресот што се случил во 1930, куќата ѝ била неповратно уништена.
Во животот имала 17 бремености, но 3 завршиле со спонтан абортус, а 10 деца ѝ умреле на мала возраст. Била суеверна и верувала во читање на дланка и пророштва, па мислела дека смртта на нејзините деца, абортусите и уништениот дом биле клетва од мајка ѝ.
Во 1914 се омажила за човек со име Рафаеле Пансарди, но мајка ѝ не го одобрувала бракот. Решиле да избегаат кога нејзините ѝ нашле друг човек за мажење. Оттогаш и мислела дека е проколната.
Во новата средина, ја сметале за добра и нежна мајка на преживеаните четири деца. Жена што и читала на дланка ѝ кажала дека сите ќе ѝ умрат. Бидејќи помислила дека имала среќа што ѝ останале четири, решила да ги заштити по секоја цена.
Така и смислува дека за да ѝ успее таа намера, треба да жртвува други души. Кога дознава дека син ѝ се пријавил за војска, почнува да го остварува планот.
Три жени дошле кај неа да побарат помош да го напуштат градот Кореџо во надеж дека ќе имаат подобар живот и Леонарда решила да ги убие една по една.
Првата жртва била Фаустина Сети, која Леонарда ја намамила дома тврдејќи дека ѝ нашла сопруг. И пред да треба да го напушти градот, ѝ рекла на роднините и пријателите да им спреми картички каде што ќе пишува дека сѐ е во ред.
И никогаш не заминала. Наместо тоа, убиена е со секира, распарчена и стопена во натриум.
Втората жртва е Франческа Соави - нејзе Леонарда ѝ ветила дека ќе ѝ помогне да стигне до женско школо во гратче недалеку од Кореџо. Завршила како Фаустина на 5 септември, 1940, со што Леонарда веќе има „жртвувано две души“ за да го заштити синот на бојното поле.
Третата, Вирџинија Качиопо, гине на 30 септември, 1940, а нејзе Леонарда успева да ја излаже дека ѝ нашла фина работа како секретарка во театар во Фиренца. Од неа не направила само сапун, туку и колачи.
Од понебитните детали, ги задржала сите нивни предмети - пари, облека и накит.
Ненадејното исчезнување на Вирџинија Качиопо разбудило сомнежи кај нејзината снаа, која ги пријавила условите под кои исчезнала во полиција.
Почнала прелиминарна истрага со сведоштво од еден човек дека Вирџинија последен пат ја виделе како влегува во домот на Леонарда. Сведокот отишол таму, љубопитен за тоа што се случило, но ја сретнал само Леонарда и забележал ужасна миризба, како да се готви нешто расипано.
Одговорен за истрагата станува извесен комесар Серао. Не му требало долго време да набави доволно докази за да ја уапси, но Леонарда била упорна во одрекувањето. Комесарот на крај го уапсил син ѝ под сомнение дека е соучесник во убиствата. Токму помислата син ѝ, кој толку и на такви екстремни начини се обидувала да го заштити, да заврши во затвор, ја натерала Леонарда да признае.
Ја осудиле на 30 години затвор, а умрела на 15 октомври, 1970 од церебрална апоплексија.
Во криминолошкиот музеј во Рим има предмети од случајот, меѓу кои и садот во кој ги топела жртвите, а има неколку филмови и театарски претстави инспирирани од настаните.