Задржување на моминското презиме - аргументи за и против

Дали жената ќе го земе презимето на мажот, верувале или не, е сѐ уште чест проблем во светот, за кај нас може ич не треба ни да почнуваме. Ако решиш да го задржиш, обавезно е некој повреден, обавезно „не се прави така“ и „а децата што?!“ а реално, ретко постојат аргументи за менување презиме. Но, да видиме што имаат некои жени да изјават за Космополитен на тема задржување.

  1. „Позитивно: Не морав да менувам документи, плус, си го сакам презимето. Негативно: Сите што прво го запознале мојот сопруг, ми се обраќаат со Г-ѓо Неговотопрезиме. Порано ми пречеше, но бидејќи ретко ги гледам (неговите колеги од работа), само им кажувам да ме викаат по име и готово.“
  2. „Си го задржав моминското легално и професионално, ги сменив само социјалните мрежи со презимето на маж ми. Напорно работев за мојата диплома и имам трудови објавени под моето презиме. Никој од личниот живот не знае дека не го сменив името, ако јас не кажам и тоа ми е во ред. Негативното што сум го доживеала е мрчењето на маж ми на почетокот, сметаше дека ако не го сменам, не сум целосно посветена на бракот, но откако го уверив дека таа одлука нема никаква врска со мојата посветеност, му помина.“
  3. „Позитивно: Нема папирологија и си го задржав идентитетот. Имам многу специфично презиме, дури и ме зезаа порано, па мислам дека си го заслужив и се гордеам со него. Негативно: Маж ми беше малку тажен, ама му помина кога сфати колку документи има за трчање и менување. Мислам дека мајка му и татко му беа малку изиритирани, ама никој не ми кажал во лице.“
  4. „Си го задржав презимето. Не можам да замислам да ми се обраќаат било како поинаку, и си го сакам. Да не си го сакав, и да ми се допаѓаше повеќе презимето на маж ми,, веројатно само заради тоа ќе го сменев. Ништо не се променило. Носам бурма и никој не прашува дали ми е моминско или мажено презиме, можеби само претпоставуваат. Како и да е, имаше нула ефект и на животот и на мојот карактер.“
  5. „Го задржав затоа што целата академска работа и трудови се со моето презиме. Полесно е.“
  6. „Никаков посебен ефект на животот. Можеби само фактот што луѓето сакаат со маж ми некако да ни биде криво? Ама мене не ми е.“
  7. „Сум пробала на двата начини. Многу сум посреќна со одлуката да го задржам. Помалку збунети фаци, бидејќи сум странец, па името одговара. Инаку луѓето се шокираа кога зборував со акцент. Сега се спремни. Доброто е што не мораш да се мавташ со документи, и што знаеш дека нема да се мачиш со тоа ни во случај на развод. Потрадиционалните членови на семејството дигнаа веѓа, ама повеќето брзо се согласија дека не е којзнае што жената да си го задржи презимето што го имала цел живот. Се договоривме дека ако имаме деца, ќе го носат неговото презиме.“
  8. „Никаков ефект, освен што некогаш треба да го кажам презимето на сопругот, па да пробаат така да побараат нешто на автомеханичар или ветеринар.“
  9. „Сите што прво го сретнале сопругот, мене ми викаат г-ѓо Неговопрезиме. Ама сите што прво ме сретнале мене, него му викаат г-не Моепрезиме, така што, повеќе е смешно отколку иритантно.“
  10. „Сестра ми ме праша, а што ако имате деца? И направив: ¯\_(ツ)_/¯ Името не создава семејство. Мајката на мојот вереник го нема сменето презимето и не сум слушнала ниедна легитимна причина за менување.“
  11. „Си го сакам презимето, ете толку е едноставно. Многу жени во моето семејство го имаат задржано, затоа што е ретко. Двеста души има со ова презиме, од кои 50 ми се роднини и сите го задржуваме, без разлика на полот.“
  12. „Не сакав да го сменам затоа што бракот е партнерство. Се земаме еден со друг, не ме зема тој мене. Сакавме да си избереме ново презиме, ама уште не сме стигнале до тоа и сѐ уште сме со сопствените. Луѓето едноставно претпоставуваат дека се презивам како него, или дека не сме во брак.“
  13. „Тој нема докторат, јас имам. Нема да бидам Д-р Неговопрезиме.

Видовте како единствените аргументи против беа „криво ме погледнаа, ама толку“? и „Понекогаш погрешно ќе ми се обратат?“ Ете така.

21 јуни 2021 - 09:23