Почнува филмот, му ја гледаш фацата на главниот организатор и си викаш „кој му поверува на овој, бе?” Па, после ти текнува што народ е заглавен во „инвестиции” за „лесни” пари, лојалти програми, кешбек картички и слично и си викаш… има кој. Особено кога ќе го претстави производот како што го претстави.
Еднаш ја имавме темава, ама тогаш не беа излезени сите детали вака фино документирани во филмче еднакво пријатно за очи (и истовремено безобразно незгодно, а не можеш да тргнеш поглед) колку што е и самиот промотивен материјал.
Колку може да е лошо ако е поддржано од Ja Rule (раперот чии следачи на Инстаграм се бројат во стотици илјадници наспроти нечии милиони, што се нарече себеси „могул”) и манекенки како Бела Хадид и Кендал Џенер, плус уште богзнае колку слични на нив, плус 250 инфлуенсери?
Совршени снимки од јахти, журки, приватни авиони, разголени девојки, мажи со пури (бидејќи пурате е ултимејт симбол за богаташлук, па ја вртка кој стигне по промотивните клипови), ветувања за ексклузивна забава, еден цреп со осмех што провоцира бокс, карти од 250.000 долари, сместување во вили, луксузни шатори, прозирно море, бендови, изведувачи, јога, сето тоа на приватниот остров што некогаш бил на Пабло Ескобар…
Тука прв пат ја утнаа работата.
Можеби и немаше толку да утнат (море, ќе утнеа), да не се пофалеа дека островот е на Пабло Ескобар, откако експлицитно им беше објаснето дека тоа не смее да се спомнува, а областа не треба да биде врзана со тоа, туку си бара ребрендирање и заборавање на таа епизода.
Шут.
Ама со таква велелепна клоца ги избркаа (дека глуперди со пури мораа да се пофалат со Пабло Ескобар), да беа принудени да си бараат друга локација, и да ја најдат на остров што воопшто не е приватен, си има жители (и веќе спремен настан што секоја година го полни со туристи) и не баш толку импресивни плажи и море. Овде станува непријатно, затоа што чекаат 1000 луѓе - инфлуенсери на кои им е ветена бесплатна карта за рајот ако објават еден стратешки осмислен пост на Инстаграм, инвеститори, славни личности, и на крај, оние најстрашните за разочарување - луѓето што си платиле илјадници долари за карта, дружење со манекенки, леткање со авиончиња и многу држење пура.
На светот му е очигледно омилен еден лик што цело време ги советува околу организација, ги плаче и во еден момент е спремен орално да го задоволи цариникот што им ги држи цистерните со Евиан вода.
А не го есапат многу пилотот што прв сфаќа дека „овие тука нешто немаат поима.” Дечкото што го најмуваат да ги развозува нив, пурите и пијачките со приватен авион, во еден момент им вика дека треба под најитно да нарачаат и да купат монтажни тоалети. Го гледаат глупо. Кога ќе дознае дека планираат „луксузни” шатори, решава една ноќ со девојка му да преспие во шатор за да види како е, и сфаќа дека е брутално. Им кажува дека нема смисла шатори, дека има комарци, дека не се трпи времето, а овие наместо да кажат „па што не кажавте дека за фестивал треба инфраструктура” - го отпуштаат.
Го отпуштаат човекот што им кажува дека за да сместиш 1000 души, треба да им обезбедиш тоалет.
Следат неверојатни драми со успаничени вработени и соработници што предупредуваат на сè што може да тргне наопачки ако се продолжи со тоа сељачко темпо, а никој не ги слуша, следат мислења од професионалци што расправаат дека тешко е и во населено место со струја и водовод да организираш ваква работа, а не па на празен остров, и се разбира - следи сеирот - стотици богаташки деца на кои им е ветен приватен авион, луксузен смештај, азурно море, музика и убавини, а добиваат… па ќе видите што добиваат. Чекајте само кога ќе им ги донесат куферите со шлепери!
И најјакото? На организаторот не му иде памет…
Доста беа спојлери.
Остатокот од сеирот - сами. Ќе вреди.