Или имало неверојатен прогрес во технологијата за тетовирање за кој не сме слушнале, или некои од артистите едноставно не се искрени во врска со нивната работа. Излегува дека второто е вистина - специјално се прават профили за да се кодошат артисти кои дигитално ги дотеруваат своите дела до комплетно погрешна претстава. Еден таков профил, @tattooedtruthfairy, со 110.000 следачи на тапет ги има ставено и најпознатите британски тату-артисти. Ги кани корисниците и да праќаат примери за тетоважи што се ретуширани со филтри и фотошоп и често споредува вистинско со дигитално изменето. Ги означуваат и артистите, и кој би рекол - ниеден нема искоментирано.
Кодошење има и на Редит-нишката r/instagramreality, каде што се споделуваат слики од тетоважи во боја со подесен контраст, што е необјасниво и глупо со оглед на тоа што кога ќе дојдеш, кога ќе побараш таква и кога физички ќе излезе невозможно, мајсторот треба да ти објасни зошто.
Интересното и позитивното е што многу од тетоважите остануваат добри кога ќе им се тргнат измените. Има смисла што некои артисти сакаат да си го прикажат делото во најдобро светло, но се поставува прашањето - каде е границата меѓу објавувањето добра слика и слика што те претставува во погрешно светло?
Ејнсли Хајлих е тату-артист што ужива почит од индустријата, особено за покривање. „Во моментов ќе кажам дека скоро 100% од фотографиите од тетоважи што ги гледате онлајн имаат баре минимални измени,“ вели тој. „Но тенка е границата меѓу прифатливо менување за фотографијата да рефлектира како изгледа тетоважата во живо, наспроти моменталниот тренд на погрешно претставување на она што физиката на тетовирањето човечка кожа може да направи.“
Ејнсли објаснува дека во минатото, измени на слика од тетоважа се сметале за сериозен грев во индустријата и многу брзо ги ловеле и ги отфрлале колегите што го правеле тоа. Но Инстаграм и подемот на „тату-инфлуенсерите“ го имаат нормализирано едитирањето слики. Ова директно влијае на тоа како работат тату-артистите, со тоа што Ејнсли забележува дека сѐ повеќе луѓе му доаѓале во студио со нереалистични очекувања, барајќи тетоважи што се физички невозможни, само затоа што виделе фотошопирана слика онлајн.
„Сега тату-артистите мораат да поминат многу време на едуцирање, а потоа и разочарување на клиентите што мислат дека некои тетоважи и во вистинскиот свет ќе изгледаат така,“ објаснува тој. „Луѓето генерално не сакаат да слушнат дека се излажале од слика на интернет кога сакаат да платат, но мислам дека е неетички да не кажеш ништо.“ Сега светот е поделен на артисти што се фокусираат како ќе им изгледа тетоважата онлајн и такви што се загрижени за уметноста на тетовирањето, нивните клиенти од реалниот свет и трајноста на тетоважите, според Ејнсли.
Како да препознаеме дека тоа што го гледаме на Инстаграм е лажно и не може да излезе така на кожа во реалноста?
Прво кога црните делови се многу црни, без рефлексија и без видливи пори на кожата, а белите делови како да сјаат - преправано е. Барајте „бучни“ пиксели што покажуваат текстура на кожа до измазнети пиксели, што би ви покажало дека некој блендирал во програм за дотерување. Може да е невино, за да се сокрие лоша иритација, или пак безобразно - да се сокријат недостатоци во тетоважата како аљкаво сенчење. Сепак, понекогаш, да се издвои фејкот е скоро невозможно - некои едноставно ги бива за прикривање на трагите.
Како и да е, досега веќе треба да е јасно дека Инстаграм не значи реалност, но кога се работи за тетоважи, луѓето како на своја волја да се откажуваат од ова сознание. Единствениот начин да се избегне да те превари некој е да си истражиш - да го истражиш потенцијалниот артист и да откриеш како на него гледа индустријата. Да се провери со кого и во кои студија работел/а, па и во кои градови по светот. Ако имате среќа, ќе ги има и во списанија како Inked. Ако никнале од никаде и ги има само на Инстаграм, има шанси да не се тоа што се претставуваат дека се.