„Флексибилно работење“ може да значи повеќе работи - од парт-тајм до флексибилен почеток и крај на работното време. Но најчесто, особено откако почна пандемијата, значи работење од дома. Многу вработени прв пат сега видоа како е и статистиката вели дека 85 проценти од возрасните што работат од дома посакале работодавачите трајно да го усвојат хибридниот пристап - да работат од далеку барем дел од времето.
Бенефитите ги има и за двете страни - работодавачите трошат помалку на канцеларии бидејќи помалку луѓе доаѓаат. Според многумина, флексибилноста ги зголемува нивоата на мотивација, па со тоа и продуктивноста. Истовремено, на работодавачите им овозможува повеќе таленти за избор - ако сите работат од дома, талентот може да дојде од било каде во светот.
Во меѓувреме, вработените штедат на превоз, ги адаптираат работните обврски на своите потреби, одговорности дома и личните услови. Сепак, дали е навистина вин-вин за свете страни? Што значи за вработените да носат работа дома, најчесто 7 дена неделно?
Работењето од дома не е сосема нов тренд, а не се ни проблемите што ги носи. Технолошкиот напредок како мобилните и брзиот интернет помагаат да се креира „секогаш на стендбај“ менталитет, што нè тера да проверуваме телефони речиси компулсивно за пораки и мејлови. Ова веќе ги заматува линиите меѓу домашниот и службениот живот. За некои луѓе, секој буден час го доминира работа. Кога работата се врши виртуелно, на крај ги каниме и менаџерите дома преку Зум. Шефовите дури и можат да судат за нашиот живот во зависност од тоа што ќе го видат.
Ваквата инфилтрација на работата во нашите домови ни го одзема приватниот простор каде што можеме да се исклучиме од работа и да се одмориме како што ни одговара. Тешко е човек да се опушти ако постојано прима повици од работа, или ако знае дека ќе мора да се врати, штом ќе ги заспие децата.
Овој приватен простор е неверојатно скапоцен, бидејќи токму во домот најмногу размислуваме и мислиме на нашите активности во текот на денот. Овде споделуваме и дискутираме проблеми со саканите, овде кажуваме тоа што ни лежи на душа и ваквите работи полека стануваат невозможни ако сме цело време на повик.
Не е ни само работата проблем, туку очекувањето на работата. Студија од 2016 открива дека самото очекување на работата создава стрес. Овие „очекувања“ без разлика дали се реални или измислени, предизвикуваат проблеми, меѓу кои и прегорувањето и проблемите со балансот на работа-приватен живот, повеќе отколку времето што се троши на одговарање мејлови после работно време.
Подемот на флексибилното работење и работењето од дома е некритички добредојдено од сите страни, но додека сите би требало да имаат право да го побараат, не треба да се хранат илузии за негативните страни. На сите им треба време за себе надвор од работа, и секако вработениот не смее да му биде на повик на работодавачот.