Светска агенција за сурогат-мајки обвинета за неетички процедури

Од жените ангажирани од страна на една меѓународна агенција да носат бебиња за богати клиенти се барало да поминат низ неетички медицински процедури што го зголемуваат ризикот од сериозни компликации.

Агенцијата Њу Лајф Глобал тврди дека посредила за над 7000 бебиња ширум светот, меѓу клиенти главно базирани во Велика Британија, западна Европа и Северна Америка, преку сурогат-мајки од Мексико, Колумбија, Индија, Украина и Грузија.

Преку реклами на Фејсбук, им се нуди на жени да заработат пари „што ќе им го променат животот“, со тоа што ќе бидат сурогат за родители што ќе платат, меѓу кои има и истополови двојки и луѓе што се мачат со плодност.

Сепак, здружена истрага на меѓународни медиуми, меѓу кои и Обсервер, наоѓаат докази за етички магливи практики на агенцијата. Од таму, се разбира, одрекуваат и тврдат дека оперираат согласно закон.

Работата е што сајтови на неколку претставништва на Њу Лајф во Грузија и Украина промовираат мулти-ембрионски трансфер, што всушност значи вметнување два или три ембриони во сурогатите и ги зголемува шансите за близнаци двојки и тројки. Експертите велат дека ваквата пракса носи зголемен ризик од смртност кај мајката. Не е лесно достапно во В. Британија, а тројните трансфери се и забранети, освен во исклучителни околности. Им дозволувале на клиентите и да го изберат полот на бебето, во случај да сакаат „да го балансираат родот во семејството“, да спречат генетски нарушувања поврзани со одреден пол или „да ги исполнат културните и социјалните норми“ - вака пишува на сајтовите на Њу Лајф во Азија, Мексико и Украина. Конкретно на тие локации, бирањето на полот е дозволено, но забрането е во Австралија, Канада, В. Британија и други европски земји. Телото за човечко оплодување и ембриологија кое ги регулира клиниките за плодност во В. Британија вели дека нема контрола над третманите што се нудат во странство, опишувајќи ги наодите како „екстремно загрижувачки“. Според нив, бременост со повеќе ембриони го зголемува ризикот од мртвородени деца, смрт кај новороденчиња и инвалидност. Ризиците за сурогатот вклучуваат спонтан абортус во доцните месеци, висок крвен притисок, пред-еклампсија и крварење. Сепак, нема наводи дека ова се практикувало во В. Британија, каде што е забрането.

Њу Лајф Глобал е основана од грузиската докторка Маријам Кукунашвили и нуди евтини сурогати за меѓународни клиенти, од кои многумина живеат во земји каде што сурогат-бременост е нелегална работа, или пак прескапа, или едноставно - нема сурогат-мајки. Во Велика Британија е забрането комерцијално сурогат-родителство, но алтруистично може и на „мајките“ можат да им се плаќаат разумни средства за трошоци.

Њу Лајф своите сурогати ги вади од земји со послаб стандард, каде што или нема регулација, или е лабава. Една од сумите што ги нудат ако сакаш да носиш нечие бебе е 12.000 долари, во Колумбија на пример.

Правните експерти веруваат дека одлуката на Њу Лајф да оперира на „сиви пазари“ каде што не е ни легално, ни нелегално ги остава и жените што позајмуваат матка и родителите со материјалот изложени. Каков договор и да потпишат, тешко дека може да ги заштити закон.

Од екстремните примери, претставништвото во Украина претходно има предложено бебињата родени со инвалидитет легално да се оставаат во сиропиталишта доколку не се сакани, со тоа што на потенцијалните клиенти од запад им кажувале дека ако сурогатот роди бебе со „аномалија“, имаат право да се откажат од бебето. „Во ваков случај,“ ги охрабруваат, „владата има агенција што ќе преземе одговорност и за ова не треба адвокат,“ пишувало на ЧПП-страницата до 2015.

Од Одделот за здравство велат дека сè уште прават проценка на доказите што ги добиле од Обсервер, а во меѓувреме порачуваат да се користат локални извори, да се бараат независни правни совети и да се работи со британски организации за сурогат-бременост.

19 декември 2022 - 21:08