За време на пандемијата скокна продажбата на романтична фикција за цели 49%, но секако беше и претходно висока, па главната промена не е во продажбата - заедницата на читатели на овој жанр процвета на социјални мрежи. На Твитер секој ден има вирален твит за романса - или се жалат дека жанрот не добива фер третман, или се посакува мажите во реалниот живот да бидат барем малку како хероите во омилените книги.
Иако е културен феномен на социјалните мрежи, љубовнот роман сè уште не добива доволно дискусија во мејнстримот - се претставува во негативно светло во однос на книжевната фикција, постои хиерархија - и романсите се на дното. Според некои, причината е патријархалното општество кое за приоритет ја зема идејата дека чувствата се грозна и брукачка работа, дека се глупи, па жанр што е само за чувства секогаш ќе се гледа од високо. Луѓето презираат „си живееја среќно засекогаш“ или „среќно за сега“ на крај, но ретко се гледа некој да исмева детективски роман што секогаш завршува со откривање на убиецот.
Интересното за растечката популарност на овој жанр денес е што се случува во контекст на поп-културата што воопшто не е романтичен. Романтичните комедии си најдоа дом на стриминг-платформите, но љубовната драма исчезна од мејнстримот. Големите франшизи како Марвел и Стар Ворс не се замараат многу со романтики, а со секс па ич, или како што ќе каже филмскиот критичар Р.С. Бенедикт: „Сите се убави, а никој не е напален.“ Или пак, Педро Алмодовар: „Сексуалноста не постои за суперхероите. Стерилизирани се.“ Секс-сцената опаѓа веќе долго време, а тоа не е така тесно поврзано со културната конзервативност колку што е со вулгарната економија: средно-буџетни филмови за возрасни трпат заради скапи блокбастери кои треба да се пуштаат пред што е можно поширока публика за да бидат профитабилни.
Популарноста на романтичната фикција меѓу помладите читатели покажува дека има апетит за приказни за љубов и секс. За некои читатели, читањето љубовни романи е чисто за уживање, но жанрот може да има и подлабоко значење што не треба да се отфрла. Од професионалната институција, Romance Writers of America, велат дека:
„Во романсата, љубовниците кои ризикуваат и се борат еден за друг и за нивната врска се наградени со емотивна правда.“
Ајде со бебешки чекори: може е време за до трафика, по оние весник-љубовни приказни, додека да набиеме кондиција?