Пред 20 години, некој да речеше дека „деца ќе растат“ со приватните догодовштини на едно раскалашено семејство што партнерите ги бира по количината на меланин, притоа нема ниеден уметнички талент, а, како што ќе рече Ејми Шумер во еден стендап, „лицата со кои се родени ги гледаат само како блага сугестија“, веројатно уште од тогаш ќе ги отпишевме идните генерации. Сепак, деца растеа, а трендови се формираа 14 години со серијата Keeping Up With the Kardashians, каде што гледавме како сестрите од просечни девојки се претвораат во идеали за убавина и успех - бунете се колку сакате, за арно или не, влијанието на поп-културата е огромно. Што ќе прават понатаму, откако Ким на Инстаграм објави на долго дека веќе нема да ги има на телевизија, не знаеме, ама дека доволно се инфилтрираа во секоја пора на забавната индустрија - да, и дека нема да имаат проблем да си останат таму - исто да. Ич да не почнуваме за влијанието што го извршија врз видливоста на трансродовата заедница кога еден од најпознатите американски олимпијци, и очув/татко во семејството, реши дека ќе станува жена.
„На нашите прекрасни фанови -
Со тешко срце ја носиме мачната одлука како семејство да се збогуваме со Во чекор со Кардашијан.
После 14 години, 20 сезони, стотици епизоди и бројни спин-оф серии, преблагодарни сме на сите вас што нѐ гледавте сите овие години - во добро, во лошо, во среќа, во солзи и многуте врски и деца. Засекогаш ќе ги чуваме прекрасните спомени и неброени луѓе што ги запознавме попат.
Благодарност и до безбројните ликови и бизниси што беа дел од ова искуство, и што е најважно, посебна благодарност до Рајан Сикрест што веруваше во нас, на Е! што ни беше партнер и продукцијата Буним/Муреј што поминаа безброј часови во документирање на нашите животи.
Нашата последна сезона ќе се емитува во мај 2021.“
Не кажува дали откажуваат или стварно е нивна одлука, ама секако е крај. Останува да видиме на кој начин ќе почне „новата ера“, не од аспект на тоа како светот ќе преживее без наместеното шоу, туку се поставува очигледното и малку страшничко прашање - што ќе донесе новата ера? Може мислите дека сѐ ви е јасно, ама пред оваа што завршува, имаше ера каде што „реално шоу“ не постоеше, па видете што се случува денес.
Од влијанието на семејството, имавме „Дали Ким Кардашијан е глупача“, за помудриот дел од империјата, па нивното влијание на некои Инстаграм правила, па моментот кога Кајли Џенер го чинеше Снапчат милијарда долари (нели небитна?!), па најлајкуваната слика на Инстаграм, па како шоуто што едвај чекате да заврши роди нова империја, па моментот кога Ким Кардашијан успеа да ја налути Јапонија, или Кардашијан ефектот и неговите последици, плус како ги вратија мидерите во мејнстрим.
И како за крај, замислете свет без Кардашијан. Но, со оглед на тоа што предомислување им е јака страна, може вака најавија, па догодина во септември да речат пу, пу не важи. И тогаш џабе сите антрополошки анализи на темата.