Ким Кардашијан ја налути Јапонија

Јапонците се ифрит поради новата колекција на Ким за мидери слични помагала за облекување и оформување тело.

Бидејќи по стотти пат, еден паметен не се најде да му каже на ова семејство „ќе ти се качат на глава” или пак, по стотти пат некој бил генијален и му текнало на старото „и лош публицитет е публицитет”, колекцијата на овој shapewear на Ким се вика - Кимоно.

Е сега, во свет каде што што стигне се треска од земја за културолошко присвојување, дури и во наивни ситуации - како ти текнува, без разлика што е игра на зборови со името на Ким - да си ја наречеш колекцијата „Кимоно”?

Единствено поглупо, е во земја каде што здравството трпи, а деца се лекуваат (и животите им се спасуваат) со донации, да ти текне да ја спроведуваш инаку фантастичната идеја за бесплатна промена на пол и со тоа ем да трпи трансродовата популација хејт заради тебе, ем да му брцнеш во око на твојот, и онака криминално хомофобичен народ.

Но, назад на овие понесериозни проблеми на луѓе што најверојатно ги немаат нашите.

Ким вика дека новово е „инклузивно и ги слави облините на жените.”

Ова со „славење на облините” само треба да го натнеш на било каков производ и одма е во тек со времето. На лижавче залепи го, и лижавчето ќе слави облини.

Јапонците некако не се даваат на оваа изјава. Напротив, тврдат дека брендот, кој Ким патем го има заштитено е непочитување на традиционалната облека.

Кимоното, широка наметка со долги ракави која се врзува со појас датира уште од 15-ти век. Се смета за народна носија и главно се носи за свечени прилики.

„Кимоно носиме за да славиме здравје, деца што растат, свршувачки, бракови, матури, и на погреби. Свечена облека е и се пренесува со генерации во едно семејство,” вели една Јапонка за Бибиси. „Ова не ни личи на кимоно - зборот го избрала затоа што има ‘Ким’ во него - нема никакво почитување за неговото значење во нашата култура,” додава, како да немаше со ист жар да писнат сите ако Ким стварно пуштеше колекција класични кимона.

Ким го има заштитено брендот за територија на Америка, а има поднесено барање за заштита на уште неколку врзани со зборот кимоно. Колекцијата е достапна во неколку бои и реално - добра е. Според нејзината изјава на Твитер, ја осмислила откако не можела да најде облека од овој тип што совршено се вклопува со нејзината кожа, па ѝ требало решение.

Буквалниот превод на кимоно е „нешто за облекување”, а парчињата обично внимателно ги изработуваат експерти.

На многумина им пречи фактот што Ким заштитува збор од толкаво значење за јапонската култура. Други ги нервира што традиционалната облека сега го дели името со бренд за интимна облека.

Некои твитаат со хаштаг: #KimOhNo

Некои се плашат дека луѓето веќе ќе го врзуваат зборот кимоно со Ким Кардашијан, наместо со Јапонија. Со оглед на тоа што Ким има огромно влијание на поп културата, се плашат дека ќе има луѓе што ќе го знаат зборот кимоно само преку нејзиниот бренд и најверојатно ќе биде така. Да не зборуваме каков ефект (веќе може да проверите) ќе има на резултати од пребарувања, хаштагови, ако брендов стане моќен како другите нејзини бизнис идеи.

Една универзитетска професорка, Шила Клиф вели дека е иронично што се користи зборот кимоно за нешто што ти е залепено до тело, кога оригиналното значење е токму спротивното.

„Естетиката на кимоното е многу грациозна, елегантна и нежна. Не ни открива премногу, ниту е припиено. Се витка околу оној што го носи, притоа без да го изложува.

Јас да направев градник и да го наречев сари… некои луѓе ќе беа сигурно изнервирани. Тоа покажува екстремно непочитување… Кимоното е израз на јапонскиот идентитет. И тој збор не и припаѓа на Ким Кардашијан.”

28 јуни 2019 - 11:03