Колку си глуп од нула до Кајли и Кендал Џенер?

Девојчињата фино лепо го искористија мултимилионскиот бренд што го креираше мајка им и си направија сопствени бизниси што палат и гасат меѓу тинејџерите. Повремено прават и глупости. Последното им е богами толку глупо, што ќе извадите сипаници.

Разбирливо е да се биде самобендисан тинејџер што мисли дека светот се врти околу него. Врска немаш од животот, па уште и имаш милиони фанови што ќе ја бацуваат земјата по која што одиш, ќе прават операции да личат на тебе и константно ќе ти ја полнат сметката во банка. Нормално е да се подзанесеш малку.

Ама колку треба да си неваспитан да решиш да правиш колекција од маици, со тоа што ќе позајмиш без осет од Пинк Флојд и преку таа слика ќе опнеш твоја глупа слика од Инстаграм како заносно излегуваш од базен?

Ај, за вкусови да не расправаме, ама после раѓање, растење и созревање како славна личност, толку да не ти текне дека тоа без дозвола не се прави? Или па, ти текнува дека НИКОЈ нема да ти даде дозвола и ќутенката?

Не само што ги препљукаа Кајли и Кендал Џенер деновиве за овој бизнис потег, туку и фино лепо ги испердаши мајка му на Биги Смолс дека се без осет.

„Не знам кој им кажал на Кајли Џенер и Кендал Џенер дека имаат право да го направат ова. Непочитувањето на девојчињава што не ме прашале ни мене, ни било кој поврзан со правата ме збунува. Немам поим зошто би помислиле дека можат да ја експлоатираат смртта на 2pac и син ми Кристофер да продадат маица. Ова е непочитување, одвратно е и е експлоатација од најлош вид!!!“

На ова, Шерон Озборн рече: „Девојчиња, ај глејте си сјаевите за уста.“

Маиците, се разбира, се повлечени од продажба, а девојките се извинија. Нешто, нешто, „многу ни е жал ако е некој навреден, повлековме сè и ќе знаеме во иднина, иначе сме големи фанови на тие уметници.“

Doors на пример, им собраа адвокати и се заканија дека ако не престанат да го користат логото и да им го валкаат брендот, ќе пуштат тужба. Ова, заради една маица со Џим Морисон и преку нејзе истава поза што е горе над Ози.

Чекаме дали можеби во иднина ќе им текне да пуштат школски прибор со нивните ликови преку култни насловни на книги или филмови, па да ги видиме со low opacity преку фацата на Џек Николсон во „Сјаење“.

А кога ќе размисли човек, можеби и не се толку глупи затоа што никој од нивниот калибар не работи сам. Само што, дали е нормално само заради публицитет ПОВТОРНО да го потсетиш светот дека си неталентиран, со тоа што ќе го испровоцираш да ти твита да се држиш до шминка и да ќутиш?

3 јули 2017 - 11:49