Кардашијан-ефектот и неговите последици

Без разлика дали шеташ по Инстаграм или по улица, насекаде можат да се видат копии на сестрите Кардашијан, во шминка, гардероба и тело.

Она што значи „привлечно“, драматично се менува во рамки на три децении - во ‘90-ти имавме Синди Крафорд, згодна, со облини, за во следната деценија да дојде Кејт Мос, многу слаба, градена речиси како дете, и на крај, последниве 10 години - семејството Кардашијан, со нивните газови, ненормално тенки струкови и нова, многу нова мода, за која што има причина. 

Само некој требаше да ни предочи, и одма имаш еурека момент.

Прво, и ова кажете им го на вашите тинејџерки, ја воведоа екстремната „песочен часовник“ фигура, невозможна за постигнување на природен начин. Една Ким Кардашијан, има импланти во задникот, има „тренирање струк“ со појас, што всушност постои стотици години и се вика едноставно корсет, и има професионални фотографи што одат по нејзе и ја сликаат од најласкавите можни агли, за да изгледа така како што изгледа на фотографии. 

Во ред е што сестрите си измислија бизнис, кој подоцна доведе до серија одамна измислени бизниси - линија на облека, долен веш, шминки, нега на лице, парфеми, перики, all that jazz. Не е во ред што губиме осет дека нивното сака и ботокс, и нож и пари.

Околу влијанието што го имаат на модата - Жустин Леконт, како дизајнер си ја чука главата со „како јас да правам облека за тие мерки, а без притоа да треба да се крои и тесни и прешива за да стои точно на сите екстремно мали или големи делови од телото?“

Тука доаѓаме и до Канје и до, сега веќе објаснивата експлозија на алишта од трико, еластични материјали, широко, коцкасто, огромно, или хулахопкасто. Затоа што, за да те собере, или за да ти го гушка телото, мора да биде или огромно, или трико, нели? Кога ќе ти текне на Јизи, излегува дека Канје кешира на изгледот што баш жена му го воведува. Може ви се чини глупо, ама не можете да игнорирате дека и премиум брендови почнуваат да следат.

И на крај - шминка. Контурирате кога се шминкате? Овој чекор во една мејкап рутина сега е мејнстрим, исклучиво заради Ким Кардашијан. Плус одамна заврши времето на ставање кармин и чао - Кајли Џенер се погрижи (притоа на почетокот инсистирајќи дека „неам ја операции, шо ви е“), да не смееш да излезеш од дома без уредно исцртани усни, а секоја ординација што нуди филери ширум светот сѐ уште трие раце. Се разбира, филери се врхунска работа, само, како да им објасниш на 15-годишни дека не мора баш одма?

Сега ви е јасно зошто сите на Инста личат едни на други, и зошто по продавници има не само повеќе кежуал облека, туку тренерки и трико, а Лагерфелд се превртува во гроб.

12 мај 2020 - 13:23