Инстаграм ќе ги регулира постовите што промовираат препарати за слабеење и пластични операции

Со новите правила, некои вакви постови ќе бидат скриени од лица помлади од 18 години или ќе бидат скроз отстранети.

После сè поголемата загриженост околу влијанието што го имаат промоциите на диетални и детокс производи врз менталното здравје и себедоживувањето кај младите, Инстаграм имплементира нови правила, и истите ќе ги има и на Фејсбук - сите постови што охрабруваат слабеење или корегирање на физичкиот изглед, што притоа налагаат некакво плаќање за тоа ќе бидат за ограничена публика, а постовите кои се врзани со комерцијални понуди или кодови за попуст, или па даваат чудесни ветувања за производот ќе бидат сосема отстранети.

„Сакаме Инстаграм да биде позитивно место за сите што го користат и оваа политика е дел од нашата постојана работа на намалување на притисокот кој луѓето понекогаш го чувствуваат како резултат на социјалните мрежи,” вели менаџерот за односи со јавност на Инстаграм, Ема Колинс.

Во последниве неколку години, многу често се случува славни личности со огромен број на следачи да промовираат нешто за слабеење како детокс-чаеви на пример. Ким Кардашијан на големо ја критикуваа за јавното одобрување на диетални лижавчиња, а Карди Би, Кајли Џенер, Клои Кардашијан и Иги Азалеа промовираа слични работи. Со милиони следачи, од кои огромен дел се девојчиња, веќе се појави загриженост како тоа влијае на нив.

Актерката Џамила Џамил која и претходно беше гласна за нездравиот однос на медиумите и социјалните мрежи со читателите и корисниците, активно работела на ова заедно со Инстаграм.

Денес, вели Џамил - социјалните мрежи. Утре законот.

Па, да видиме.

23 септември 2019 - 17:23