Со 16,621,720 лајкови во моментов, рачето на бебето на Кајли Џенер како ја држи за совршено маникиран прст (пресовршено за една штотуку породена мајка), го сруши и рекордот на Бијонсе со најавата дека е трудна со близнаци и на Кристијано Роналдо исто така за раѓањето на неговите близнаци.
Тоа се околу 16 ипол милиони повеќе лајкови од вашата последна слика на Инстаграм, ама држ’те се, ќе биде кај и да е.
За Инстаграм како компанија ова е импресивно, со оглед на тоа што Кајли Џенер има неколку милиони следачи помалку од шампионот - Селена Гомез, па и од Бијонсе и Кристијано Роналдо. Другите имаат повеќе луѓе, ама Џенер го имаше моментот на изненадување.
Сè повеќе и повеќе гледаме како највлијателните луѓе на светот го бираат Инстаграм за споделување на нивните најлични и најинтимни моменти и со тоа, ја вклучуваат глобалната заедница на Инстаграм во нивната радост,” велат од Инстаграм.
За тие што не имавте попаметна работа последниве 9 месеци: Кајли Џенер ѝ е сестра на Ким Кардашијан. Има козметичка империја. Криеше дека е трудна од прв од последен момент, што е феномен - детето е растено пред камери и живее од тоа што животот го сервира пред милионите фанови. Неверојатно успешна за нејзините 20 години, со оглед на тоа колку глупости направи заедно со сестра ѝ (на пример: Колку си глуп од 0 до Кендал и Кајли Џенер; или Не им иде памет), плус како изгледаат некои производи од нејзината козметичка империја (ви текнува на пазарските четки од 400 долари?).
Сега, нејзиниот Инстаграм држи рекорд за најлајкувана слика.
Што е причината?
Иако со месеци насекаде гледавме прилози за бременоста на Џенер, никој никогаш не потврди додека не се породи. Нејзината монструозна популарност ги тераше и најнезаинтересираните да прават некакви претпоставки, а тие што ги интересираше навлегуваа во бизарни психоанализи (кои патем заслужуваат да се најдат во научен труд врзан со вестите, медиумите и личностите кои се центар на внимание во денешно време) од типот: Се сликала со плава маска за телефон? Машко е. Слика од розеви нокти? Женско е! Цитирала песна со зборот „бејби” во неа? Готово, трудна е! Сликала каса во супермаркет со стварите што ги купила и има улошки? Не е трудна!
Затоа, појачана од теории на заговор базирани на нејасно, објавата стана момент на колективно олеснување - светот конечно доби конкретна информација. Фановите на Кајли Џенер се фрлија на конзумирање што е можно повеќе од новата ситуација - притоа стискајќи лајкови на сè што ќе им се најде на пат.
*За време на пишувањето на овој текст, сликата доби уште 2500 лајкови.