Како Кајли Џенер направи империја

Од ова нема да научите како вие да направите империја. Без разлика што Џенер еднаш тресна дека е „самонаправен” милијардер, тешко дека некој ќе заборави од каде доаѓа. Сепак, јавни фаци има колку сакаш, ама не стигнале сите до овие размери.

Почна со колекцијата Kylie Cosmetics

Устата ѝ беше копирана по секоја цена од сите фанови, па реши дека ќе создава линија на шминка во 2015-та. Прво извади мат молив за уста и кармин во омилената боја, за луѓето да можат да ги постигнат нејзините усни, што беше невозможно, затоа што, иако не признаваше, покрај молив за уста и кармин, користеше тешка артилерија од хијалурон. Сепак, комбинацијата за уста, минус хијалуронот - моливот и карминот не престана да се распродава во рок од неколку минути со секоја нова залиха. И продолжи така, плус, не заборава да ги почасти фановите со пригодни колекции за Денот на вљубените, Ноќта на вештерките, Божиќ… Некои од нив со сомнителен квалитет, но добро.

Разноразни бои за коса

Ако се чудите со какви сè глупости можат да се опседнат луѓе, еве ќе ве потсетиме и на косите на Кајли Џенер. Селфиња има со плава, зелена, неон-жолта и уште сто други бои. Тоа се перики и надградби, па природно, соработуваше со Белами екстензиите за коса и од тоа искешира.

Соработки со брендови за убавина

Освен Белами, пред да креира сопствен бренд, соработуваше и со Синфул Колорс за нокти, а денес, со оглед на тоа што се качени критериумите, соработува со сестрите.

Туторијали за шминка

Има апликација уште од кога имаше 17 години, симната богзнае колку милиони пати и таму објавува туторијали за шминка, па после тоа продолжи на телевизија на „Животот на Кајли”, па сега и на Инстаграм, каде што ја следат 143 милиони луѓе. И лесно може да се заклучи дека е најјак инфлуенсер кога се работи за шминка.

Спонзорирани Инстаграм постови

Додека вие се трудите да изнајдете доволно хаштагови за, ако ништо друго, постот на Инстаграм да ви стигне до 100 лајкови, Кајли Џенер продава пост за милион долари. Најсериозно, ако сакаш Кајли да ти го изрекламира производот, треба да уплатиш милион долари. И што е најинтересно, најверојатно ќе ти се исплати. Ако те нејќе, ќе губиш пари. Кајли е во топ 10 инфлуенсери на Инстаграм, пред Селена Гомез, Ким Кардашијан и Бијонсе.

14 август 2019 - 13:01