Спектарот на аутизам е толку инклузивен, што губи поента

Ута Фрит е познат германско-британски психолог и научник, една од водечките истражувачи во областа на развојната невропсихологија и аутизмот. И токму Ута Фрихт вели дека терминот станал толку прилагодлив што е „на работ на распаѓање“.

Аутизмот веќе не треба да се гледа како „спектар“, смета Ута Фрит, инаку и пионерка во истражувањата кои ја обликуваат нашата денешна перцепција на аутизмот и емеритус професорка по когнитивен развој на Институтот за когнитивна невронаука при University College London.

Со искуството што го има собрано во нејзините 84 години, Фрит објаснува дека додека фактите за аутизмот остануваат исти, интерпретацијата на состојбата се променила со времето и станала премногу инклузивна.

„Основната дефиниција на аутизмот што ја давам - дека е животна, невроразвојна состојба со тешкотии во комуникацијата и ограничено однесување - останува иста“, вели Фрит. „Се прифаќа општо. Но, интерпретацијата на таа дефиниција е сосема поинаква, бидејќи ние ја направивме поинклузивна.“

Фрит објаснува дека концептот спектар се појавил затоа што „ништо не е чиста категорија, а ние сакаме да ги вклучиме и не-типичните случаи“, па критериумите се прошириле.

„Но тоа е многу тешко, затоа што што е забележливо во рамките на огромен спектар на кој припаѓаме сите? Сите сме невродивергентни; можеме да го прифатиме тоа затоа што нашите мозоци се различни. Но тоа ја прави медицинската дијагноза целосно бесмислена“, вели таа.

Спектарот бил воведен затоа што категориската методологија оставала многу луѓе надвор од прецизната дефиниција.

„Луѓето сè уште веруваат дека постои нешто што ги обединува сите дијагностицирани како аутистични. Јас повеќе не верувам во тоа“, додава таа.

Две главни групи аутисти

Фрит забележува дека сега се издвојуваат две големи подгрупи: оние дијагностицирани рано, обично под пет години, и оние дијагностицирани подоцна, кои таа ги нарекува „хиперсензитивни“.

Втората група, според неа, се многу адолесценти, меѓу кои и многу млади жени кои немаат интелектуални нарушувања, комуницираат нормално, но се многу анксиозни во социјални ситуации.

„Оваа група, пред сè млади жени и тинејџери, расте со застрашувачко темпо, додека првата група расте умерено“, вели Фрит. „Кај аутистичните деца со интелектуални нарушувања нема вистински пораст; таа група е релативно стабилна“.

Фрит потенцира дека втората група навистина има проблеми и дека тие не се „измислени“. Сепак, смета дека овие проблеми можат да се третираат многу поефикасно ако не се ставаат под етикетата аутизам. Нагласува и дека состојбата постои од раѓање и дека би ја нарекла „пореметување“ и покрај некои контроверзи околу терминот.

Многу луѓе, вели Фрит, се самодијагностицираат и вршат притисок врз лекарите, а современите тестови се премногу зависни од субјективното искуство на пациентот (како што е случајот со АДХД), наместо од објективно клиничко набљудување. Го критикува и митот дека луѓето можат „да ги маскираат“ симптомите, што нема научна основа, и предупредува дека оваа идеја станала популарна кај истражувачи и клиничари.

„Можеме да кажеме дека сите постојано се адаптираме на нормите на општеството. Од таа гледна точка, сум многу критична кон оваа идеја“, вели таа, додавајќи дека не се согласува со тезата дека девојките и жените се недијагностицирани.

Заклучува дека иако долго време ја поддржувала идејата за спектарот на аутизмот, во последните десетина години сфатила дека „сè отишло предалеку“ и дека е време за појасна граница.

24 март 2026 - 14:14