Што правиме со жените што се во врска со проблематични мажи?

Такви се на пример Хилари Клинтон, Меланија Трамп, Кери Симондс… Делат живот со моќни мажи кои другите жени (а можеби и нив) ги третираат ужасно. И, без разлика дали е тоа фер или не, и тие некако треба да одговараат за неприкладното сексуално однесување и политички гафови на нивните сопрузи и дечковци.

Може ли Хилари да се нарече феминистка, откако не изреагира адекватно на случајот Моника Левински која тогаш имаше само 22 години? Дали е Меланија во ред? Нешто како да не е во ред, кога остануваш во брак со Доналд „Just Grab 'Em By The Pussy” Трамп, нели? Треба ли Кери Симондс да се испрашува зошто е со Борис Џонсон?

Можеби не е наша работа, ама за потпрашување е зошто некој би бил во романтичен однос со човек, што, пред да стане премиер се пофали дека „не го издркал 20 години”. Во тоа време беше и фатен како ја изневерува тогашната жена по којзнае кој пат со една млада новинарка, и сега се во разводна постапка.

Главно сме согласни дека ако Симондс сака да биде со него - „она си знае”, сè додека комшиите не пријавија бучни расправии и викање што доаѓало од нивниот дом. Џонсон, се разбира рече дека комшиите се шпиони на противничката партија и дека дали и колку се расправале по дома е нивна работа.

Луѓето, поточно жените се надеваа дека Симондс нешто ќе каже. Дека кога си во врска, понекогаш и ќе се скараш. Дека ќе го искористи овој инцидент како платформа, дека да! Така треба, да се јавувате, да пријавувате и да викате полиција кога сметате дека сте во опасност, дека нешто не е во ред во комшискиот стан, да пријавувате насилство… И со тоа можеби и да спаси некој живот, со оглед на тоа што статистиката вели дека две жени неделно гинат од рацете на сегашен или поранешен партнер во Англија и Велс. Но, Симондс едноставно исчезна.

Истовремено, па и не е фер. Од жените се очекува да правдаат, да објаснат, да одговараат. Да понудат доказ за нешто што се случило или не се случило и во старт се знае дека ќе бидат осудувани.

Лани медиумите влегоа во екстаза со случајот Харви Вајнстин. Веднаш во преден план излезе неговата сопруга Џорџина Чепмен, заедно со прашањата: Како можела да не знае? Или знаела, ама вртела глава? На крај, Ана Винтур реши да пушти сјајно интервју со Чепмен, со наслов „Животот после Вајнстин”, со повеќе од 5000 зборови, од кои неколку беа: „Човек не треба да биде одговорен за делата на неговиот партнер.”

Хилари Клинтон стоеше пред милионски народ и бараше Трамп да биде под истрага заради неговото неадекватно однесување кон жени, иако нејзиниот сопруг пројде доста лесно по тоа прашање, дваесет години претходно. Не е ни чудо што ја нарекуваа лицемер, кога остана покрај Бил Клинтон и никогаш не го остави. Според нејзе, тоа што тој го направил не било „злоупотреба на моќ”, што, на крајот на краиштата, можеби е навистина така, само прашањето е дали така сигурно ќе го бранеше Трамп да беше тој во слична ситуација?

Бил беше 27 години постар од Моника Левински. Беше еден од најмоќните (ако не и најмоќен) во светот и изгуби многу малку. Левински беше јавно избрукана, настанот ѝ го дефинираше животот, до тој степен што името и стана синоним за ејакулација.

Големата, велелепна, необјасниво обожавана Бијонсе во една песна пее вака:

"Oh he so horny, yeah he want to fuck/He bucked all my buttons, he ripped my blouse/He Monica Lewinski'd all on my gown."

(пак да си ја сакате)

Она што личеше како „правата ствар” во ’90-ти - да останеш покрај твојот сопруг во сред скандал, некако не старее добро, дваесет и кусур години подоцна.

Колку жени познавате што не само што останале покрај сопрузите, туку и биле принудени да ги бранат после неверство? И кој победува на крај? Ретко победува жената.

Симон де Бовоар во „Вториот пол” пишува: „Мажот се закачува за жената - не за да ужива во нејзе, туку да ужива во себе.” Феминизмот на де Бовоар се доведува до прашање и заради нејзината врска со Сартр кој воопшто не бил пријатен со други жени и затоа што во нејзините писма открива дека тој спиел со млади студентки.

Светот сака да ги категоризира луѓето, на добри и лоши, на ужасни и прекрасни, но де Бовоар покажува дека два испреплетени животи, приватен и професионален, сепак можат да постојат одвоено.

Е сега, дали може истото да се каже за жени што живеат со проблематични политичари?

И на крај, ја имаме Меланија. Едвај го допира нејзиниот сопруг - човекот што сака да ги повлече сите закони за абортус и инсистира дека е „про-лајф”, но сепак ги одбрани неговите сексистички коментари со „машки си се машки”.

Кој е попроблематичен? Меланија или Хилари? И можат ли воопшто да се споредат?

Меланија даде интервју минатата година, со изјавата, „ги поддржувам жените, и мора да ги чуеме”, ама да „покажат докази.” Ете го пак товарот на задолжителните докази.

И ја оплеска кога додаде, „Би можела да кажам дека сум најмалтретирана личност на светот,” па ги запрепасти луѓето многу повеќе од Хилари Клинтон, затоа што почнаа и тагови „фри Меланија”, и прашања дали е вистински малтретирана, а богами и прашања од типот, „Ако си ти малтретирана, ние шо да кажеме?”

Како и да е, назад на оригиналното прашање: Што правиме со жените што остануваат покрај проблематични мажи? Можеме ли да чувствуваме емпатија кон нив? И треба ли? Ова не се празни, хипотетички прашања на феминизмот, туку крајно висцерални прашања за базична човештина. Дали се соучесници? Или едноставно - сите сме?

25 декември 2019 - 15:17