Хилари, Моника и новата проблематична хистерија

Денешното нововоспитано интернет граѓанство не ја пушта Хилари туку така. Дали ќе им помине или ќе се префрлат на малтретирање на некој со многу помало влијание од нејзиното, останува да видиме.

Мачно е да се замисли дека многу недолжни интернет ликови го изедоа многу, многу подраматично отколку што во моментов го јаде Хилари за изјавата дека аферата на нејзиниот сопруг со Моника Левински од времето „не била злоупотреба на моќ,” затоа што „Моника била полнолетна.”

Ма немој, а баш интересно беше да се тврди дека секоја жена, на било која возраст е жртва доколку на работа има афера со претпоставен.

Толку многу проблематични ставови ископа оваа потреба на Хилари нејзиното семејство да биде поголем папа од папата, што човек не знае од каде да почне.

Прво, заклучивме дека воопшто не е објективна жената што во претседателска кампања како плус го користеше фактот што е жена, еднакво како што некој друг во кампања ветува водовод во западномакедонско село.

Второ, ќе заклучиме дека луѓето што живеат на Твитер уште не научиле ништо од она што беа замолени да го научат од многу попаметни феминист(к)и од нив.

Па така, имаме една општа хистерија од погрешности.

Вистински изјави на Твитер и нивните проблеми:

„Во основа, секој што мисли дека кога некој со многу повисока позиција има афера со приправник НЕ е злоупотреба на моќ, треба да се замисли.”

Овде сака да каже дека баш, буквално СЕКОЈА АФЕРА каде што еден е на висока функција, а друг е приправник е малтретирање. А, ако ја извадиме главата од хистеричниот песок, веројатно ќе видиме дека не е.

Често е така.

Ама не може така храбро да тврдиш дека БЕЗ ИСКЛУЧОК, СЕКОГАШ Е ТАКА И СИТЕ ДА ЌУТИТЕ.

Понатаму:

„Извинете, ама буквално единствената личност што ќе ја слушам на темава е г-ца Левински.”

Кај е проблемот?

Ќе ви објасни Никол Арбор во „Никол Арбор и проблемот со #МеТоо”. И правниот систем што го гради цивилизираниот свет, каде што постојат докази, изјави, вештачење, судење и слични КОРИСНИ работи. Не се работи овде дали му веруваш на Бил Клинтон, или ѝ веруваш на Моника Левински, туку за примерот за кој служат, со ставот „јас само на нејзе ѝ верувам.” Цела година пропаѓаат кариери на јавни личности без воопшто да стигнат до суд. Нека стигнат и нека ги осудат ако се говна, па нека пропаднат, не обратно.

Понатаму:

„Таа беше 22-годишна приправничка, а тој беше претседател на САД. Искрено тешко ми е да замислам динамика која е повеќе злоупотреба на моќ од ова.”

Да, како пример од учебник е. Не, уште еднаш, не секој приправник вмешан во афера бил присилен на кој и да е начин. Да се надеваме дека ќе престане таа тенденција „инфериорните” да се поистоветуваат со „луѓе неспособни да расудуваат.” Затоа постои нешто што се вика „легална возраст”. И тажно е што случајот на Моника Левински која можеби и стварно била ставена во непријатна положба се користи за да се генерализираат сите случаи.

Понатаму:

„Ова е дефиниција за СЕКСУАЛНО МАЛТРЕТИРАЊЕ НА РАБОТНО МЕСТО.”

И пазете:

„ТОА ШТО Е ВОЗРАСНА Е НЕБИТНО.”

Ајде!

„Хилари Клинтон ја поткопува борбата на секоја жена што се бори со вознемирување на работно место.”

Ова е точно. Ама не затоа што го брани сопругот, наместо швалерката, туку заради нејзиното влијание и виралноста што ја добива секоја нејзина контроверзна изјава. Затоа што жената што јаваше на крила на #МеТоо за да стекне симпатии и нели, јас сум жена = ќе донесам водовод сега кога е ставена во центарот на сопствениот пример - некако се предомислува, па ете „може и не треба баш на секоја жена да ѝ се верува”.

Така и целата кауза добива нишка на несериозност (ако до сега веќе недокваканите не ја упропастија доволно).

Тука е поткопувањето.

Сторми Даниелс, порно-актерката која тврди дека имала афера со Трамп во 2006-та, изјави дека смета дека Левински веројатно била на некој начин експлоатирана затоа што „Бил Клинтон беше претседател, а таа приправник.” Даниелс вели дека постои клучна разлика меѓу нејзината наводна афера со Трамп и онаа на Левински со Бил.

„Трамп не беше претседател, беше идиот на турнир во голф,” вели таа. „Не ми се допаѓа идејата сексот да се користи како моќ, освен ако не си играте нешто со партнерот.”

Уште не сме истражиле дали и тука има некакво навестување за злоупотреба на моќ, со оглед на тоа што Трамп бил милионер (милијардер?), а таа „само” актерка во филмови за возрасни. Може па некој друг ќе истражи, во недостаток на омаловажување возрасни жени. Ќе почекаме.

16 октомври 2018 - 14:12