Зошто интернетот очекува од полугола пејачка да знае за арапска „загрута“?

Кара Кенеди за Телеграф го поставува ова прашање, затоа што Сабрина Карпентер го направи најголемиот престап во кансел-културата: се извини.

Во современата интернет-култура не смееш да помислиш да згрешиш некому - а обично грешките не ги правиме баш свесно, така што во старт си на тенок мраз. Еве, настапот на Сабрина Карпентер на Коучела неочекувано отвори дебата околу бизарните граници на кансел културата - за време на концертот, Карпентер реагирала збунето на висок, продорен звук од публиката, мислејќи дека станува збор за јодлање, и во моментот кажала

„Не ми се допадна тоа.“

Подоцна се покажа дека звукот бил „загрута“ - традиционален славенички извик карактеристичен за делови од Блискиот Исток и Африка.

„Инцидентот“ кој реално траел неколку секунди, доби растегнување до немајкаде на интернет - Карпентер ја обвинија за бесчувствителност кон туѓа култура, за расизам, за сите keywords што им паднаа на памет, па веднаш побараа и извинување.

И Карпентер веднаш се извини. Појасни дека не го видела изворот на звукот, дека не го препознала и дека немала намера да навреди. Токму тука започнува поширокото прашање: дали секоја грешка, недоразбирање или момент на збунетост мора да биде проследен со јавно извинување?

Критичарите на ваквите реакции укажуваат дека очекувањата од јавните личности стануваат сè повисоки - и сè понереални. Во конкретниот случај, поп-пејачка на сцена, среде настап, се очекува не само да го препознае звукот од илјадници луѓе, туку и веднаш да го постави во точен културен контекст. Притоа, концертите традиционално се простор за спонтаност, непосредна комуникација и понекогаш несовршени реакции. Кога секој момент е потенцијален повод за јавна осуда, тој простор се стеснува.

И овие аргументи не се доволни за напаѓачите кои сметаат дека сите јавни личности, во секое време имаат должност да бидат информирани за сè.

„Таа апсолутно има право да слушне нешто непознато и да си помисли: што е бре тоа? Смее да каже и ве молам престанете со тоа,“ вели Кара Кенеди во колумната. „Такви треба да бидат концертите во живо, опуштени и несовршени. Ако ги избрусиш со културна коректност и под закана дека следи кансел, ќе добиеш поп-ѕвезди извадени од памет од комуникацијата со публика. Добиваш менаџирана коректност и љубезност каде што не се случува ништо неочекувано.“

22 април 2026 - 11:27