Што е тоа „тивко отпуштање“?

Законите на трудот го викаат „конструктивно отстранување“, ама ТикТок има друго име.

За „тивок отказ“ имавме тука, концептот на ментално „отпишување себеси од работа“ и правење најминимум што можеш да правиш. Сега милионскиот ТикТок хаштаг „тивко отпуштање“ зема замав и има бескрајно многу постови, во кои често има „обучувач за кариера“ или „инфлуенсер за работа-дома“ што ги кажува знаците: менаџерот го менува односот кон тебе, или толерира лошо однесување на колегите кон тебе; ти се менува шемата на работа неразумно, поплаките ти ги игнорираат, те ставаат на пониска позиција или ти ги тргаат бенефициите. Со тек на време, сам си одиш. Накратко: никој не ти кажува дека си отпуштен, ама прават да ти е невозможно да останеш.

Ваквиот „отказ“, иако лесен и таман за шефовите, може да е трауматичен за вработените и често има влијание не само на приходите и стабилноста - ако решиш да си одиш - туку и на менталното здравје, бидејќи непријатната средина и неодговореното прашање „што запнале да си одам“ можат да влијаат.

Сепак, овој феномен има многу повеќе врска со самата структура на капитализмот отколку со нашиот перформанс: како индивидуални работници сме заменливи и постојано на располагање. Вработувањето ни го оформува животот нам, но на менаџерите сме им како Симови (од играта) што им се здосадуваат.

По свет има и добри страни на оваа депресивна појава: Она што повеќето објави забораваат да го споменат е еден круцијален детаљ - таканаречениот тренд на тивко отпуштање е всушност правно регулирано како конструктивно отстранување и дека вработените имаат права и заштита кога се случува, барем во некои земји. Во Велика Британија, за да можеш да поднесеш за жалба за конструктивно отстранување треба да си вработен најмалку две години и треба да имаш докази, па да го ставиш работодавачот пред трибунал како последен правен лек, кога друго не успева. Значи, постои решение и се случува вработените да добијат дебела компензација за начинот на кој биле третирани.

За жал, не сите примери на тивко отпуштање ги задоволуваат критериумите да се потегне тужба, ниту секогаш се имаат нерви за терање правда. Истовремено, тешко е да се докаже и често се неуспешни.

Во вакви случаи социјалните мрежи знаат да бидат од помош, кога ќе кренат свест за некаков „тренд“, но треба да се оди подалеку од само препакување на концепти. И на крај се сведува на веќе испробаните начини на заштита - синдикати, сила во бројка и реално разбирање на правата и слободите.

21 октомври 2022 - 12:32