Привлечноста на астрологијата во несигурни времиња

И на интернет и во живо, пречесто слушаме како некој е „типичен Лав“ , или „никогаш веќе нема да бидам во врска со Близнак“ или „што да правам кога сум Скорпија“, често од паметни луѓе.

Иако живееме во современи општества обликувани од наука, технологија и универзитети - процес што социолозите понекогаш го нарекуваат и кршење на илузијата – многу луѓе и понатаму бараат смисла во астрологијата. Нејзината популарност ѝ бега и на скепсата: анкетите покажуваат дека астрологијата може да биде привлечна дури и за оние што не „веруваат“ во неа целосно, туку ја користат „за забава“.

Во ново истражување објавено во социолошкото списание Social Currents, авторите испитале кој се врти кон астрологијата, како ја користи и зошто. Анализата на национални анкети, интервјуа со Американци и разговори со професионални астролози открила дека астрологијата е помалку за предвидување на иднината, а повеќе за разбирање на сопственото „јас“ во еден несигурен свет.

Идејата дека положбата и движењето на Сонцето, Месечината, планетите и ѕвездите влијаат врз настаните на Земјата - има долга историја. Со векови била поврзана со астрономијата: раните астрономи биле и астролози, ги мапирале ѕвездите за да го мерат времето и да го толкуваат нивното влијание врз човечкиот живот. Познатиот дванаесет-знаковен зодијак датира од петтиот век п.н.е., а астрологијата се предавала и на средновековните универзитети.

Во 17 век, со научната револуција, астрономијата се потпрела на математика и набљудување, додека астрологијата постепено ја губела академската легитимност и била туркана на маргините. Во 19 век, со професионализацијата на науката, астрологијата била класифицирана како окултна или псевдонаука.

Сепак, се враќала - во 1930-тите се појавиле дневни хороскопи во весниците, во 1960-тите и 1970-тите популарноста ја засилило Њу ејџ движењето, а денес повторно доживува дигитална ренесанса. Кај генерацијата З, преземањата на астролошки апликации нагло се зголемиле, а се предвидува глобалниот пазар на астрологија до 2031 година да надмине 22 милијарди долари.

Анкетите покажуваат дека околу една четвртина од Американците велат дека веруваат во астрологија, а една третина имаат барем еднаш консултирано хороскоп. Жените, младите и ЛГБТК+ заедницата се најчести корисници: повеќе од половина жени читале хороскоп, наспроти една третина мажи; околу 60% од сексуалните малцинства, наспроти помалку од половина хетеросексуални.

За многумина, астрологијата е форма на забава или начин да се погледне во нечија личност. Ретко кој ја сфаќа како буквално предвидувачка; повеќе се користи како алатка за самоспознавање, слично на тестовите за личност. Професионалните астролози, пак, ја гледаат како духовна пракса и средство за носење одлуки, градење самодоверба или рефлексија за односите. Еден астролог ја има споредено со терапија - не детерминистичка, туку како извор на насока и утеха.

Зошто астрологијата е толку привлечна денес? Некои аналитичари го опишуваат сегашниот момент како „ера на поликриза“, со преклопени економски, политички и еколошки предизвици. Истовремено, категориите на идентитет стануваат пофлуидни, а традиционалните извори на авторитет - религија, образование, влада - сè почесто се доведуваат во прашање.

Критичарите често ја отфрлаат како ирационална или ненаучна, и точно е дека астрологијата не е наука. Но можеби поважно прашање не е дали астрологијата е „вистинита“, туку што нејзината популарност кажува за современиот живот.

Од социолошка перспектива, таа е интересна токму затоа што стои на пресекот на категории: дел духовност, дел културна практика, дел забава и дел јазик за разбирање на себе и другите. Не е случајно што астрологијата најчесто доживува бум во времиња на несигурност. Како што претходните генерации се свртувале кон молитва или ритуал, многу луѓе денес се свртуваат кон ѕвездите. И иако не ја предвидува иднината, нејзината популарност открива многу за тоа како луѓето се обидуваат да го разберат сегашниот момент.

23 септември 2025 - 00:00