Сега феминизмот и прифаќањето на сопственото тело се присвоени од големите брендови и ги користат за да ни бутнат повеќе ствари за купување, па гледаме една „Давификација” на кампањи за убавина и облека. Доаѓа и до оксиморони - се продаваат боди-позитивити мидери, феминистички штикли и „моќна” долна облека.
Затоа имаме и реклами за пластични операции што се фаќаат за феминизам за да допрат до повеќе жени.
Да има игра со собирање поени според тоа колку мотиви од феминистички реклами се употребени во една, компанијата MYA ќе ги собере сите. Има една жена што почнува со фитнес: крева тегови, фокусирана да биде силна наместо слаба, па архетиписка миленијалка, со тетоважи и шарена коса, па обавезното етничко малцинство… И сите ги прифаќаат своите несигурности, но сепак во рамки што сепак дозволуваат MYA да ги поправи хируршки. Има изјави како „Шерифа е феминистка и има импланти во градите (можете и тоа и тоа)”.
Изгледа дека MYA се обидува да си додаде политичка кауза, но, се поставува и прашањето:
Дали е ова воопшто проблем?
Во 2017-та, им забранија една реклама заради „неодговорност и со тенденција да предизвика штета кај малолетници”, бидејќи имаше жени што дискутираа за зголемување на градите и разни други проблеми што си ги нашле на телото. Во 2018-та пак ги забранија, после жалби дека „се експлоатира несигурноста што младите жени ја чувствуваат во врска со нивните тела.” Еден глас во рекламата вика, „Овие девојки ги зголемија градите со MYA и се чувствуваат прекрасно.” И сега пак, ги критикуваат затоа што ги поврзуваат „чувствување прекрасно” со операција и боди-позитивити.
А не се прв бренд што пробува да продаде стара вест во ново пакување. Во 2015-та, во метро во Лондон се појави реклама на Протеин Ворлд, со прашање „дали телото ви е спремно за плажа” и слаба манекенка во бикини. Во 2017-та нешто се подопраија со слика од Клои Кардашијан и слоган „Можете да бидете во чекор со Кардашијанка?” Во 2018-та се опаметија со хаштаг „Секакво тело може”.
Факт е дека ако навистина ги послушаме овие компании и нивните кампањи - да си ги прифатиме телата, да ни стане удобно стареењето и да заборавиме на депилација - тие не би постоеле. Уште ни викаат дека сме гадни и дебели, само сега на поинаков, попристоен начин.
Но, да се вратиме на она претходно прашање:
Зошто е проблем да бидеш феминист и да сакаш да смениш нешто на сопственото тело?
Нели една од битките беше да можеме да правиме што сакаме, и никој ништо да не смее да ни каже?