
Професионалниот готвач Николас Пулментис, 50-годишен, пораснал на прекрасен грчки остров. Се преселил во Њујорк, станал успешен во професијата, победил на натпревар за готвење на Фуд Нетворк, готвел за Обама... И се заборавил.
Накачувањето на тежината не му се случило преку ноќ, туку бавно, затоа што полека ги заборавал навиките со кои растел.
На Китира, грчкиот остров каде што пораснал - се јадело едноставно. Омилените спомени му се кога ловеле риба и морски плодови со татко му. Нуркале за да ги фатат рачно, ги ловеле и ги ставале на скара, па ги јаделе со лимон. Вели дека храната во Грција е многу сезонска, па секогаш уживале во рибата што била најдобра за тој одреден период додека ја јаделе. Се труделе и да се движат, и тоа по цели денови, без воопшто да размислуваат за тоа. На храната се гледало како одржување, заедништво и свежи состојки.
Во Њујорк пиел, пушел и јадел без ред. Стигнал до 118 килограми (за контекст: обично тежел од 72 до 80). Кога бил најтежок, не се чувствувал свој - ни како готвач, ни како Грк. Немал никаква рамнотежа.
После тоа имал и едно вадење од памет: Му ставиле стент и бил многу блиску да го загуби животот, па се натерал да размисли до каде е. Тогаш му текнало како растел - дека било добро - и дека всушност знае што треба да направи. Стентот не само што му го променил телото, туку и начинот на размислување. Сфатил дека не е само до промената во исхраната - морал да се врати на медитерански начин на живот.

Се откажал од алкохол и цигари, ги поедноставил оброците и практично ги донел до начинот на исхрана кој го имал како дете. Почнал да јаде печена риба со зелена салата, пилешко со зеленчук и тревки, леќа со маслиново и лимон и големи грчки салати. Секое утро јадел мед од Китира, а пред секој оброк лажица маслиново масло. Се фокусирал на зеленчуци, зачини, морска храна и други свежи состојки. На овој начин, оброците биле хранливи и пријатни и порциите сами се регулирале. Оттаму се доближил до грчките корени во готвењето па открил и што сака најмногу да готви во ресторанот што планирал да го отвори.
Се движел поконзистентно - не веднаш во интензивни тренинзи, туку сакал само да си помогне. На островот движењето доаѓало природно - луѓето секде пешачеле, се качувале, пливале и биле активни без тоа да биде со сила. Секој ден имал 45 минути кардио-вежби, па потоа тренинг со килажа. Не му било само до слабеење, туку и до тренинг и долговечност.
За две години изгубил 35 кила и клучно било да остане постојан во намерата. Јадел грчки и се движел секој ден.
„Советот за сите што почнуваат со слабеење,“ вели Пулментис, „е да се потпрат на здрава храна кон која природно гравитираат. Свеж зеленчук, зачини, морска храна и квалитетно маслиново масло. Медитеранскиот живот функционира затоа што не е диета, туку чувство на радост, поврзаност и почит кон храната.“
Истражувањата во областа на нутриционизмот и психологијата сè почесто покажуваат дека начинот на кој размислуваме за храната може да биде подеднакво важен како и самата храна. Наместо строги диети и забрани, дел од современите студии се фокусираат на промена на ставовите - од контрола и вина кон свесност и прифаќање.
Концепти како „интуитивно јадење“ и „mindful eating“ се покажале како особено ефикасни. Во едно подолгорочно истражување, учесниците кои престанале да ја делат храната на „добра“ и „лоша“ и почнале да обрнуваат внимание на сигналите на глад и ситост, не само што ја стабилизирале телесната тежина, туку и значително го намалиле емоционалното прејадување.
Може не можеме да јадеме совршено, но можеме да јадеме постабилно. Идејата е помалку екстреми и поголема постојаност.
И како и секогаш - едноставност.