Теоријата е на Џени Мастард. И кога е веќе нејзина, тогаш мора да се провери дали држи вода, со оглед на тоа што многу мудри работи објаснува за „фика”, а и за минимализам како начин на живот.
Зборот што таа го користи е refinement, а значи:
процес на отстранување нечистотии и несакани елементи од некоја супстанца.
Дигитален речник на македонски јазик вели дека е слично со рафинирано и истенчено.
И веројатно веќе ви станува јасно - да се исчисти нешто од непотребни работи. Да го исфрлиш негативното и непотребното, што од живот, што од куќа, што од работа...
Меѓутоа овој концепт не се базира само на тоа, туку и на - вложување напор, што би значело да не се потпираме толку на скратени постапки, поедноставни варијанти на работите и повеќе да внимаваме на секојдневието и тоа што нè опкружува.
Што е веројатно тешко за повторување после толку време живеење „набрзинка” ама, сепак, се учи.
Вака вели Џени:
Овој концепт отсекогаш ми бил на памет, и секогаш магично функционира. Ајде да разговараме за мојот омилен збор - префинетост. Се обидувам да го живеам овој начин на бивање присутна, благодарна и да внимавам на мојот живот секојдневно, и навистина ме тера да забавам и да уживам во малите моменти многу повеќе. И како трик може да ве направи посреќни во истиот момент.
И да ви се чини како млатење празна слама, нема што да се изгуби ако се проба. Секогаш, ама секогаш може да има корист од малку повеќе префинетост во животот.