Британскиот Канал 4 пред дваесет години помогна да се вивне каериерата на Расел Бренд - сега ги има отстрането сите програми со него од сајтот. Наместо глупостите на Бренд од 2004, сега има документарец во кој жени го обвинуваат за силување и сексуален напад.
„Што и да се каже за квалитетот,“ пишува Џоана Вилијамс во Спајкд, „Канал 4 успешно се вози на културниот цајтгајст.“
Сите јавни емитувачи сега се трудат да се дистанцираат од Бренд, но вреди да се потсетиме на улогата што медиумите ја играа за да го направат ѕвезда. Го прогласуваа за „Ебач на годината“ три години по ред. Подоцна се фалеше дека „спиел со девет жени во една вечер“, и тоа го пренесоа.
Денес, неговата промискуитетна персона се поврзува со сериозните наводи против него, но на почетокот на милениумот, ова не беше проблем Бренд да добие шоу на Бибиси, или да го има по холивудски филмови. Го фалеа и левичари и левичарски медиуми очајни за неговата слава, пишуваше колумни за Гардијан и го поканија како гостин-уредник на Њу Стејтсмен.
За илустрација, минатиот месец на финалето на Светкосто првенство за жени, Луис Рубиалес ја бакна во уста фудбалерката Џени Хермосо (траеше 2 секунди) и ова стигна до светски вести. Откако меѓународно го изругаа, Рубиалес доби забрана за приближување до 200 метри од Хермосо и на крај, даде оставка како претседател на Шпанската фудбалска федерација. Некое време претходно, промискуитетот на Расел Бренд му донесе слава. Сега, претерано ентузијастичен бакнеж во уста може да заврши нечија кариера и да доведе до судења.
Сега треба да се запрашаме дали оваа културолошка промена е во најдобар интерес на жените. Пред 20 години, феминизмот беше заглавен меѓу ерата на girl power од ‘90-те и Грлбос мантрите на 2010-те. Жените можеа да најдат и слава и богатство само со бивање млади, атрактивни и спремни. И може не е модерно ова да се каже, ама за многу млади жени, ова беше време на забава и слобода, а не на експлоатација и злоупотреба.
Сето ова се смени во 2017. Дојде #MeToo и Харви Вајнстин, и од сериозни прекршоци, почна да се осудува многу поширок спектар на машко однесување - допирање за колено, на пример. Ова се рефлектира и во скандалот со Расел Бренд, каде што најшокантните обвинувања за силување или напад, се појавуваат во иста реченица со некриминално лошо поведение и примери за секс кој бил прифатен, но за кој подоцна се зажалило.
И од жените се очекуваше да се променат после #MeToo - да играат улога на жртви. Истите телевизиски канали и весници што ја возбудуваа публиката со приказни за дрога, пиење и секс, почнаа да ставаат потресни приказни на жени уништени од неприкладен коментар или непоканет поглед. Жените од сексуални објекти, станаа сексуални жртви.
Се разбира, некои ќе расправаат дека ова е напредок - мажите треба да одговараат, а жените да добијат глас. Но, да бидеме реални. Од girl power до жртва-феминизам во две децении не е некој чекор напред за жените.
Наместо да ги препознае жените, жртва-феминизмот носи повици за уште повеќе контрола на односите меѓу мажите и жените. Стравот и недовербата владеат секој ден. Моментално модата е плукање на сексуалната револуција и со тоа жените не добиваат моќ туку инфантилизирање, со претпоставки дека мора да се внимава на нив по факултети, да се надгледуваат на дејтови, или да им се овозможат „соработници за интима“ на филмски сетови.
Додека не биде осуден Расел Бренд за злоделата за кои е обвинет, мораме да претпоставуваме дека е невин. Ова значи дека треба сериозно да се сфатат обвинувањата, а во исто време да не им се верува автоматски на тие што тврдат дека сексуално ги нападнал, само затоа што се жени. И мора да се избегнува бришење на границите меѓу криминално и некриминално однесување. Ни на жените ни на мажите не им се прави услуга со тоа, ако секс за кој си зажалил наредното утро, децении подоцна ќе се смета за неконсензуален. Документарецот на Канал 4 дури и прикажува жени кои им се јавувале на продуцентите да им се жалат дека Бренд спиел со нив, па не им се јавувал - како тоа однесување да има било каква врска со криминалните дела за кои е обвинет.
Ако погледнеме од подалеку, ќе видиме дека има јасна културолошка промена - не кон третирање на жртвите со почит, како што често се тврди, туку кон третирање на сите жени како жртви. Како што телевизиите тоа многу добро го знаат, сексот сѐ уште продава. Само што сега, се бараат приказни за бивање жртва, наместо приказни за промискуитет. На ниеден начин ова не треба да се смета како победа за феминизмот или за жените.