„Girlboss“ културата не замре, туку се ребрендираше во „that girl“

Всушност, that girl трендот што се однесува на грижа за себе, се шлепа на girlboss естетиката и сѐ ова почнува од ТикТок, а се провлекува низ сите пукнатини на медиумскиот простор.

„Ова ти е знак да станеш таква“, ќе каже еден вирален ТикТок со музиче од Хари Стајлс во позадина, па ќе прикаже естетски фотографии за „здрав појадок пред јога“, „грижа за лицето“ и „љубов кон себе“. Ова е инаку најнов додаток во речникот на социјалните мрежи - нејасната, недескриптивна фраза „that girl“ што кај нас би му дошло „таква“, наместо буквалното „таа девојка“. Тоа не ја спречува да биде извор на инспирација за илјадници клипчиња, дали за утринска рутина или некаква летна шема. Без дефиниција што точно значи, во објавите се провлекува истото расположение: станување екстремно рано, лажирање естетски фини слики, вежбање, местење кревет и јадење здраво.

Ако погледнеме внимателно, забележливо е дека соджините што влегуваат под that girl многу личат на крајно миленијалните, лажно моќни girlboss-објави, што истакнуваат колку е битна продуктивноста (и само продуктивноста) под маска на феминизам. Бизарното е што трендот на that girl доаѓа после мемефицирањето на girlboss-архетипот и неговата филозофија - girlboss, gaslight, gatekeep. Гаслајт како грдата финта што ја прават луѓе што треба да се лечат и гејткип, како актот на поставување правила на одредена тема и отфрлање на било кој што не ги следи онака како што си замислил ти. За Генерацијата З се вели дека одбива преработување, но се фокусира на правење распореди, па дијалогот околу that girl почнува сите да нѐ претвора во сопствени постојани проекти за себеподобрување.

Како и други фитнес видеа на социјалните мрежи, да се биде таква значи да се живее живот базиран на мејнстрим совети за велнес - но нема крајна цел. Нема маратон за кој тренираш. Нема причина за будењето во 5 сабајле, освен што си поефикасен. Ова, според Карл Седерстром, професор на Стокхолм универзитетот и ко-автор на The Wellness Syndrom е клучен недостаток на моменталната опсесија со велнес-културата што интернетот ја претвора во идеологија.

„Нашата култура на самопомош генерално нема никаква намена. Не се прашуваш зошто ги правиш овие работи, едноставно ги правиш. Многу ретко се наоѓа книга што кажува зошто треба да ослабеш. Ти кажува само како. Ова значи дека нашиот пристап до здравјето е во моментов многу повеќе естетски отколку научен.“

Она што беше проблем во girlboss-културата - сексизам, капиталистички аспирации и ограничено доделување моќ важи и за новата замена. Младите жени на ТикТок веќе споделуваат видеа каде што се обидуваат да бидат таква, или се таква, ама без естетиката. А мажите ја потхрануваат оваа недопирлива цел споделувајќи објави од нивна (машка) гледна точка.

@virgohabits

new day, new opportunity. #5amclub #morningroutine #productivity #thatgirl ib:@vanessatiiu

♬ y did dis blow up - aotishiko

„Алфа жените не одат во глутници. Алфа жената е сама, има мал круг на пријатели, си ја знае моќта и работи во тишина,“ ќе каже едно вирално видео. Наскоро потоа, жените почнуваат да прават дуети со тој клип, со фитнес содржини, како изолацијата и неучествувањето во социјални активности да се знак на оптимално здравје.

Она што загрижува кај that girl-феноменот е пораката дека трендот не прима било кого. Добиваме чувство дека за да бидеме that girl, мораме да направиме нешто посебно. Пандемијата предизвика многумина да размислат за нивното учество во хасл-културата, но фокусот на добросостојба едноставно мора да доаѓа со целта да се има трпение кон себе.

Минатава година веројатно го донесе крајот на girlboss-концептот, но истакнувањето на продуктивноста и индивидуализмот до степен на себеопседнатост не е ни блиску до својот крај. Наместо да се тепаме да бидеме директорки, сега се тепаме да бидеме најоптималната верзија од себе.

Да работиш на тоа да бидеш најоптималона верзија од себе е всушност добро, ама престанува да биде во моментот кога ќе почнеш со „тепањето“ и докажувањето на интернет, само за некој да ти рече „не се прави тоа така“ и да ти „пропадне“ трудот.

Сѐ додека константно се обидуваме да постигнеме нереалистични идеали и се третираме себеси како проекти, капиталистичкиот менталитет останува, а менталното здравје страда. Наместо ова, истражувањата покажуваат дека треба да се грижиме за себе без притисок, насочувајќи енергија кон грижа за саканите луѓе и луѓето околу нас. За среќа, овој пристап до велнес не бара да станете во 5 сабајле, со строг распоред и да направите совршени фотографии од појадокот. Можете да станете и подоцна, да не наместите кревет, да се напиете нешто со друштво и сѐ уште да бидете that girl, што и да значи тоа.

22 јули 2021 - 08:48