Всушност, „обична Јапонка” е слободен превод. Терминот „salary woman” е исто што и „salary man”, а за тоа, дефиницијата е:
„Работник на плата, поточно јапонски работник на пристојна позиција кој покажува лојалност кон корпорацијата за која работи.
Од нив се очекува да работат прекувремено, да учествуваат на афтер-ворк активности и дружење со колеги и да ја ценат работата повеќе од сè друго. Овие работници обично влегуваат во некоја фирма после дипломирање и остануваат таму во текот на целата кариера.”
Океј, супер.
Ама, сè што прави девојчево во видеото, до најситен детаљ - никој не го прави. Станувате ли вие така блажено по сабајле, па да поминете време местејќи кревет и проценувајќи дека „денес е убав ден”?
Средена ли ви е така кујната?
Пробува она да нè промафта, таму кај доручекот, со соларникот. Демек, на сите ни се случуваат глупости, ама шоимавезе.
А клипот, визуелно многу пријатен, боите меки, музичето слатко, ти се гледа, не дека не - и те нервира во исто време.
Девојкава на пример, уредно ја става храната на послужавник, со стоплено млекце, со внимавање, со сè, ти некако гледаш да изедеш орев додека пиеш кафе и да се тешиш дека е здрав доручек.
Таа се труди да почне со нож и вилушка да го сече сендвичот, безуспешно (Јапонка или не, човек е, не е вилењак), ти уште го џвакаш оревот. Таа веќе се тушира (пижамите и пешкирот и одговараат со ентериерот) ти уште скролаш на Фејсбук со цигарата на тераса.
Таа излегува, има 6 минути до автобуска, и коментира како е тоа супер вежба, а ти си во кола и пробуваш да се вклучиш на Партизанска и урлаш „СИТЕ ЛИ БЕ ИСКАЧАТЕ ВО ИСТО ВРЕМЕ!”
(После автобусот има уште 7 минути пешки, ама многу се радува дека е супер за линија.)
Овде некаде почнуваш да ѝ веруваш дека е сериозно ваква.
Ако се насекиравте дека многу беззначајно ѝ помина денот, има и сабота! Со мирољубиво сецкање јагоди како за реклама.
Вие сте на вториот орев.
Мислите дека ќе излезе нешто во сабота и ќе прави нешто?
Убаво изгледајте.
Што би рекол еден во коментарите, „Сега после видеово ми се чини како да сум многу агресивна личност”.