Накитот што го носеше Марго Роби е индиско културно наследство што не знаеме како дошло на запад

Кога Марго Роби се појави на црвениот тепих во совршен фустан и впечатливо парче накит, и ја прашаа „што носиш“, рече „Ова е дијамантот на Елизабет Тејлор“. И факт е дека некогаш бил на Елизабет Тејлор. Ама бил и на жената во чиј спомен е изграден Таџ Махал.

Повторно се отвори прашањето за потеклото и значењето на едно од најпознатите историски парчиња накит во светот. Зборуваме за дијамантски привезок во златна, срцевидна рамка, украсен со рубини и жад, изработен во Индија во 17 век. Денес неговата вредност се проценува на околу 8,8 милиони долари, но историската и културната тежина на овој предмет е далеку поголема од пазарната цена.

На запад накитот најчесто се споменува како The Elizabeth Taylor Necklace, поради тоа што актерката го добила како подарок од Ричард Бартон во 1972 година за нејзиниот 40-ти роденден. Таквото именување, иако навидум „ништо посебно“, ја сведува неговата повеќевековна историја на релативно краток холивудски период и го потиснува неговото оригинално потекло.

Историските извори укажуваат дека нарачката за изработка ја има направено императорот Џахангир за неговата сопруга Нур Џахан, една од највлијателните фигури во историјата на Индија. Таа не била само сопруга на владетелот, туку активен политички актер со значајна моќ и авторитет. На самиот камен е врежан натпис со нејзиното име, годината од владеењето на Џахангир и пораката „љубовта е вечна“ - сето ова датирано околу 1627 година.

По смртта на Џахангир, накитот преминува кај нивниот син Шах Џахан, кој подоцна ѝ го подарува на својата сопруга Мумтаз Махал. Нејзиното име денес е неразделно поврзано со Таџ Махал, мавзолејот што Шах Џахан го изградил по нејзината смрт во 1631 година. Мумтаз Махал починала при породување со нивното четиринаесетто дете и легендата вели дека на смртната постела му оставила три барања: никогаш да не се ожени повторно, да се грижи за нивните деца и да ѝ изгради споменик што ќе ја овековечи нивната љубов. Според некои историчари на Шах Џахан му требала една година да излезе од соба после смртта на сопругата, и во целиот контекст, накитот станува симбол на династиска љубов, жал и спомен.

Она што останува неразјаснето е како накитот ја напушта Индија. Периодот помеѓу крајот на империјата и појавата на накитот во Европа е целосно недокументиран. Познато е само дека во текот на 20 век накитот магично се појавува во сопственост на Картие, каде што е реставриран и изменет. Оригиналниот свилен конец бил заменет со златен синџир со рубини, со што предметот бил визуелно прилагоден на западните вкусови и начини на носење.

Во 1972 година, Ричард Бартон ја купува огрлицата од Картие и ѝ ја подарува на Елизабет Тејлор за нејзиниот 40-ти роденден. Оттогаш, во јавниот дискурс таа сè почесто се идентификува преку нејзината последна сопственичка, наместо преку оригиналната културна и историска припадност.

Проблемот добива поширока димензија ако се разгледа во контекст на современите практики околу историскиот накит. Во 2023 година, индискиот уметник Дилџит Досанџ побара дозвола да ја носи огрлицата Патијала, исто така во сопственост на Картие, на Мет Гала, како омаж на махараџата Бупиндер Синг од Патијала. Барањето беше одбиено со образложение дека накитот е премногу кревок и тежок за хендлање. Има смисла, да не беше фактот дека само една година претходно, истата огрлица ѝ ја позајмија на американската инфлуенсерка Ема Чемберлен, без никаков проблем.

Во тој контекст, појавувањето на дијамантот Таџ Махал (не „Елизабет Тејлор“) на современи црвени теписи не може да се толкува исклучиво како моден избор. Станува збор за пошироко прашање за културна сопственост, контекст и нееднакви критериуми во одлучувањето кому му е дозволено да носи и да претставува одредено историско наследство. Прикажувањето на вакви артефакти без јасно објаснување на нивното потекло и значење ризикува да ги сведе сложените историски приказни на естетски објекти, лишени од историјата, контекстот и културите што ги создале.

3 февруари 2026 - 12:07