На Јутјуб има татко за тие што немаат кого да прашаат

Во април 2020 година, во сред пандемија, кога многу работи изгледаа безнадежно - на Јутјуб се појавува каналот Dad, how do I?. Зад него стои Роб Кени, Американец кој без голема продукција, без драматични најави и без маркетинг стратегија, почна да објавува видеа во кои мирно објаснува како се врзува вратоврска, како се менува гума или што да правиш кога ќе ти протече мијалник во кујна.

На прв поглед, ништо спектакуларно, но медиумите брзо го забележаа феноменот: милиони луѓе почнаа да се претплатуваат, особено откако научија каква приказна има зад каналот. Роб Кени пораснал без татко - ги напуштил кога тој имал 12 години - па многу работи во животот морал да ги учи сам. Кога неговите деца пораснале, тој одлучил да направи нешто што за него имало симболична тежина - да им биде татко на оние што немаат кого да прашаат.

Секое видео го почнува со истото обраќање: „Hey kids.“ А во публика нема само деца, туку луѓе од различни генерации, а сепак, токму во таа ситна реченица се крие силата на каналот. Без театралност и наметливост, покрај технички упатства, Кени споделува и размислувања за одговорност, упорност, самодоверба. Го користи терминот „dadvice“ (татковски совет), а филозофиите му се од најбазичните и најпотребните - дека е во ред да не знаеш нешто; дека секогаш можеш да научиш; дека вредиш, дури и кога грешиш.

На цел тој цинизам и агресија на интернет, не е ни чудо што Dad, how do I? останува безбеден и стабилен простор и пример дека сè уште постои емпатија.

Еве, овде покажува како да се бричиш и има 3,2 милиони прегледи:

А овде се најпопуларните видеа.

23 февруари 2026 - 10:41