Можно е да се наоѓаме во сексуална рецесија

Според некои истражувања, имаме помалку секс од претходните генерации. Помалку желба е во прашање или нешто друго?

Постои една опсесија денес дека младите веќе немаат секс. Дури и пред интимните контакти да се криминализираат од март лани, веќе се појави еден концензус дека сексот е во опаѓање. Минатата недела на пример, Телеграф објави истражување (последно од долга низа слични истражувања) кое покажува дека студенти имаат помалку секс, па поради загриженоста за намалените стапки на раѓање во глобалниот север, грижата за наводниот целибат кај младите добива една потресена енергија, што почнува да личи на морална паника.

Има организации за промоција на бракот како институција што сметаат дека сексот е реткост затоа што сѐ повеќе луѓе одлучуваат да не стапат во брак, што е малку сомнителна теорија. Паралелно со тоа, постојат теории дека младите мажи се преплашени од новите концепти за „дозвола“, па не сакаат да го разбудат бесот на освестените феминисти. Истовремено се расправа дека достапноста на порното и апликациите за лични контакти нѐ прават помрзливи. И на крај, на паниката ѝ се долева оган со теоријата дека сѐ повеќе млади стануваат сексуални работници преку ОнлиФанс, наместо да имаат секс.

Покрај сето ова, има и пристојни аргументи: се обвинува ситуацијата со домувањето, како невозможна мисија за младите, па многу е потешко да имаш активен сексуален живот ако уште живееш со твоите. Понатаму, сведоци сме на посиромашна, поанксиозна и подепресивна млада генерација, што не може да си дозволи да излегува како некои други порано - баровите и клубовите се поскапи и има сѐ помалку места за излегување. Ако младите остануваат дома и зјапаат по екрани, како што сакаат да прокоментираат постарите генерации, тогаш не се работи само за култура и лични преференци. Со сите овие стресови и ограничувања излегува дека - не е ни чудно што зумерите заостануваат по ова прашање.

Колку и да се точни овие размислувања, идејата дека постои секс-рецесија помага да се создаде и перпетуира едно чувство на недостаток околу сексот, што е една од движечките сили на инцел-идеологијата. Ова има смисла: Ако мислиш дека сексот е реткост и потрошлив извор, а ти го немаш, може да ти се чини дека и тоа малку што останало го трошат „нафурани типчиња“ и „разголени женски“. Лесно е да мислиш дека си структурално осиромашен од секс, наместо да сфатиш дека отсуството на сексот е прашање на време, услови или промена на пристап.

Проблематичноста на истражувањата што ги даваат овие резултати е дека го мерат квантитетот наспроти квалитетот. Може да се работи за случај каде луѓето имаат подобар секс - но поретко, или дека намалената стапка се должи на новопронајдената моќ на жените да кажат не, што е очигледно секако добра работа. Сепак, и покрај начинот на кој овие истражувања се и климави и општи, самата критична маса на податоци барем покажува кон идејата дека многумина од нас водат поизолирани и помалку сексуално задоволителни животи. Ни кажуваат повеќе за нивната сопствена природа како истражувања отколку било што друго, но истовремено можат да бидат и записници за општествените услови под кои се спроведени. Во таков случај, не покажуваат баш многу добро.

14 мај 2021 - 13:00