Ли Краснер е комплетен уметник, не само „жена му на Полок“

Постои еден тип приказна што историјата на уметноста обожава да ја раскажува: осамен машки гениј, затворен во студио, задолжително во борба со бои, смисла и самиот себе, сè нешто неразбран, додека светот се обидува да го стигне. Фина е таа приказна, филмска, ама тесничка - особено за жените кои биле еднакво амбициозни, често и подисциплинирани, а исто иновативни. Ли Краснер речиси цел живот го поминува во сенката на ваков наратив, но успева однатре да го смени.

Фото: Flickr

Родена во Бруклин во 1908 година, во семејство на руско-еврејски имигранти, Краснер расте меѓу јазици, очекувања и идентитети. Рано почнува уметнички да се изразува, а почнува и со сериозно образование во институции како Cooper Union и National Academy of Design - во време кога жените уметници ги третираат како фуснота. Не била ни заинтересирана да се вклопува. Учела кај Ханс Хофман, ги впивала основите на модернизмот, но одбивала да стане нечија стилска сенка.

До 1940-тите, Краснер веќе е длабоко вградена во она што подоцна ќе се нарече Њујоршка школа - круг на уметници што експериментираат со апстракција, размер и емоција. Тука го запознава Џексон Полок и нивната врска подоцна станува една од најмитологизираните во американската уметност. Додека славата на Полок расте, поттикната од критичари како Клемент Гринберг, делото на Краснер често останува во втор план - сведено на улогата „сопруга на уметник“.

Ваквата приказна за пред јавност пропушта клучен момент, затоа што Краснер не лебдела како сателит околу важниот сопруг, туку вредно работела, понекогаш паралелно, понекогаш во директен дијалог со него. Ги уредувала неговите платна, ги предизвикувала неговите ексцеси и учествувала во оформувањето на структурата зад неговите пробиви, а во исто време, ја рушела и повторно ја градела сопствената практика.

Нејзиното творештво никогаш не мирува - тоа е првото нешто што се забележува кога ќе се погледне низ различните фази од нејзината кариера. Раните дела носат влијание од кубизам и структура; подоцнежните експлодираат во апстракција. По смртта на Полок во 1950-тите, Краснер влегува во еден од своите најсилни периоди. Се сели во неговото студио во Ист Хемптон и започнува да создава големи платна што делуваат истовремено контролирано и ослободено.

Конечно, нејзините слики не се тивки, не бараат дозвола и носат енергија што ретко кој може да ја игнорира - особено сериите како Earth Green и некои подоцнежни поинтензивно обоени платна од ‘60-те и ‘70-те.

Признанието, сепак, доаѓа бавно. Децении наназад, Краснер се споменува во однос на Полок, наместо покрај него или посебно. Дури подоцна во животот - а уште повеќе по нејзината смрт во 1984 година - институциите почнуваат да ја преиспитуваат таа позиција. Големи ретроспективи, меѓу кои и во МоМа, го менуваат наративот и критиката конечно го препознава она што отсекогаш било присутно.

Денес, сликите на Краснер делуваат изненадувачки современо, а критичарите согледуваат колку таа одбива да остане фиксна, како постојано менува правец и како се спротиставува на лесни категории. Работела во циклуси, често ги кинела старите цртежи за да создаде нови колажи, третирајќи го сопственото минато не како нешто што треба да се зачува, туку како материјал за нов почеток.

Лесно е нејзината приказна да се сведе на „доцно признание“, но не е сосема точно. Краснер не чекала да биде откриена, туку работела и тоа низ бучавата на свет што не знаел точно каде да ја смести.

Ете, сега ја знаеме. Не жена му на Полок, туку Ли Краснер.

Има и една анегдота каде што критичар или гледач, откако видел нејзина слика изјавил:

„Ова е предобро за да го има насликано жена“.

Не сме нешто многу напред и денес, но добро.

14 април 2026 - 08:10