Важноста на незнаењето

Сосема добро функционираме и со тоа што знаеме само неколку факти за периодот меѓу VII и XII век. Зошто тоа право да не си го дозволиме и денес? Што ако најголем дел од она што денес го нарекуваме „вести“ има исто значење за нас како и некоја битка меѓу одамна исчезнати бургундски кралства или судир од времето на Монтезума?

Знаеме нели, дека е добро да се биде информиран, и тоа многу добро информиран, за речиси сè што се случува околу нас. За да важиме за сериозни и пристојни луѓе, треба да знаеме за политичката состојба во Еквадор, изборните навики во Тенеси, подемот на десницата во Бугарија, цените на какаото во Гана, сообраќајот во Сингапурскиот теснец, состојбата на рудниците за никел во Конго. Армии се распоредени и сателити се лансирани за да нè информираат - постојано - кој е славен, кој штотуку е убиен, кој кого допрел несоодветно и што би можело - ако не внимаваме - да се случи со алпските глечери околу 2082 година. Еден просечен современ човек, кој безгрижно скрола во када или во воз, има на располагање повеќе информации отколку најмоќниот владетел од античките времиња.

Престижот на ова знаење е толкав што е потребна храброст (или непромисленост) за да се постават неколку наизглед едноставни прашања, од кои сепак може да зависи нашиот внатрешен мир: зошто, всушност, треба да го знам ова? Зошто навистина ми го кажувате? Дали ова навистина е толку итно и неопходно?

За жал, обично мора да чекаме нервен слом за да почувствуваме дека имаме право да поставиме вакви прашања кои звучат смело, но во суштина се сосема разумни.

Нашата енциклопедиска информираност ја плаќаме со висока цена. Знаеме многу, а истовремено знаеме многу малку - за тоа што нè прави тажни, за нашите вистински одговорности кон другите, за нашите приоритети, за внатрешниот мир и за начинот да се ослободиме од постојаната вознемиреност.

Што ако, еретички кажано, има многу работи што сепак воопшто не ни се потребни да ги знаеме? Што ако добар живот е возможен со само дел од информациите што денес ни се продаваат како неопходни? Што ако не мораме да го следиме секој чекор во развојот на човештвото? Што ако прескокнеме некои пасуси, па дури и цели поглавја од оваа комплицирана приказна? Што ако се гордееме со тоа што не сме слушнале за секоја славна личност и што сме пропуштиле некој скандал?

Сосема добро функционираме и со тоа што знаеме само неколку факти за периодот меѓу VII и XII век. Зошто тоа право да не си го дозволиме и денес? Што ако најголем дел од она што денес го нарекуваме „вести“ има исто значење за нас како и некоја битка меѓу одамна исчезнати бургундски кралства или судир од времето на Монтезума?

Не се обидуваме само да заборавиме. Се обидуваме да се фокусираме. Нашето внимание е ограничено; да знаеш едно нешто секогаш значи да не знаеш нешто друго. Не се работи за себичност, туку обид да останеме стабилни. Обид да ги исполниме нашите обврски кон блиските - вклучително и кон себе - дури и ако тоа значи свесно да игнорираме дел од проблемите и трагедиите што се случуваат некаде во светот.

Што ако селективното незнаење е, всушност, еден од предусловите за добар живот? Што ако понекогаш можеме да се гордееме токму со тоа колку работи сме успеале да не ги знаеме?

4 мај 2026 - 00:00