Берил Маркам - писателката што го фасцинираше Хемингвеј

Во 1942, Хемингвеј седнал да му пише писмо на неговиот уредник, Максвел Перкинс, да му раскаже нешто што ретко (ако воопшто) му се случувало: признал дека една книга го натерала да се почувствува како слаб писател.

Вака пишува Хемингвеј:

„Ја прочита ли книгата на Берил Маркам, West in the Night? Ја знаев доста добро во Африка и никогаш немаше да помислам дека ќе знае нешто да направи со пенкало и хартија, освен да запише нешто во пилотски дневник. А излегува дека пишувала толку добро, толку чудесно добро, што бев комплетно засрамен од себе како писател. Се почувствував како столар со зборови, што собира што и да му е на располагање во работилница за на крај да направи пристоен свињарник. Ама девојкава, која колку што знам е многу непријатна... може да нè дигне во заби сите нас што се сметаме за писатели. Деловите што лично ги знам, затоа што бев во тоа време таму и слушав други луѓе што раскажуваат се апсолутно вистинити. Значи мора да веруваш дека се вистинити раните ствари за кога била дете што се апсолутно врвни. Испушта фантастични нешта што ги знам, што би уништиле многу од карактерот на хероината, но што има тоа врска кога се работи за пишување? Посакувам да ја најдеш и да ја читаш затоа што е проклето чудесна книга.“

Додека ја пазарите онлајн (преводи на српски и македонски ние не најдовме), да научиме уште нешто. Берил Маркам е родена во Англија во 1902, но израсната во Кенија (тогаш британска). Имала детство што повеќе личи на авантуристички роман отколку на биографија - мајка ѝ се вратила во Англија, а таа останала со татко ѝ, кој одгледувал коњи, па наместо салони и чај, нејзиното секојдневие биле полиња, животни и локални заедници.

Подоцна станала една од првите жени лиценцирани тренери на тркачки коњи во Кенија, па малку ѝ било, па станала пилот! Не заборавајте дека е тоа време без современа навигација, кога просто леташ како удрен преку огромни, празни простори.

Во 1936 година направила нешто што тогаш било на граница на невозможно: соло лет преку Атлантикот од исток кон запад, односно од Англија кон Северна Америка. Била прва со ова достигнување, слетала во Канада по тешко принудно приземјување, но летот бил успешен. Потоа се вратила во Африка, работела, живеела прилично нестабилен и, според многу сведоштва, комплициран живот.

Потоа доаѓа 1942 година и Маркам ја објавува книгата што го фасцинирала Хемингвеј. Добила и добри критики, но времето не било погодено - се немало премногу време за книжевност додека беснеела Втората светска војна. Затоа и книгата постепено исчезнува од печат. Повторно ја откриваат во ‘80-те и дури тогаш стига да стане хит, а Маркам да влезе во пошироката културна слика.

Околу ситуацијата со Хемингвеј често се драми дека е „маж што не можел да поднесе жена појака од него“, а всушност Хемингвеј просто ја пофалил и ја баталил.

Секако, сите треба да се стремиме да можеме да пофалиме нечие дело, без разлика дали го поднесуваме човекот или не. А Берил Маркам, ете, сега ја знаете. Тренер на коњи и пилот-пионер - како да е малку Хемингвеј да ти ја нарече книгата проклето чудесна.

30 април 2026 - 00:00